Skip to main content
Македонија

Милошоски: Нашите позиции во однос на САД и ЕУ се слични со оние на Орбан

10/03/2025  21:34

Потпретседателот на Собранието и висок член на ракводството на ВМРО-ДПМНЕ вечерва директно потврди дека македонската влада има слични политики кон САД и ЕУ како и унгарската влада на чело со Виктор Орбан.

Гостувајќи на Сител Милошоски ги поистовети блиските односи на ВМРО-ДПМНЕ со партијата Фидес како односи на Македонија и Унгарија.

„Нашите позиции во однос на САД и ЕУ се слични со позициите кои ги има Унгарија во моментов. Имавме и неодамна заедничка конференција, јасно е дека се блиски односите и може да се каже традиционално, на владата на ВМРО-ДПМНЕ и на владата на Виктор Орбан, за Унгарија да направи што може за да ни помогне во спорот којшто го имаме“.

Полскиот премиер Доналд Туск по вонредниот самит на ЕУ минатата недела околу Украина и драматичниот отклон на Доналд Трамп од европските сојузници на САД и одбивањето на Орбан да го потпише заедничкото соопштение на Европскиот совет, го остави настрана традиционалниот јазик на дипломатијата.

„Вчера не би сакале да бидете Виктор Орбан… откако Швеѓаните, Данците, Французите, сите, без исклучок – Словакот [Роберт Фицо] молчеше, но на крајот гласаше со нас – зборуваа за иднината на Украина“, рече тој.

И Туск, историчар, го надоврза ова со историска референца за грчкиот отпадник Ефиалт, кој ја предал својата татковина на Персијците во Термопилите во 480 година п.н.е.

„На крајот, тој беше презиран од оние што го ангажираа и од оние што ги предаде“, рече тој.

По оваа остра интервенција на Туск пред неколку дена Милошоски денеска во Собранието, при презентирањето на приоритетите на полското претседателство со ЕУ од страна на амбасадорот Мариуш Бримора, се обиде да направи дипломатска досетка.

Тој побара Полска и другите земји членки што поскоро и поуспешно да го воспостават транатлантскиот дијалог, бидејќи тој е важен за сите нас, посочувајќи дека на дилемата „за кого сте“ најдобар одговор сега е дека сме за „Доналд“ (Трамп и Туск). Нејасно е како може да се биде и за Доналд Туск, а да се спроведува политиката на Виктор Орбан.

Извор: Независен.мк