Skip to main content
Македонија

Милошоски индиректно го прозва и премиерот – Во Правда се држи несоодветен кадар, ЗНАМ реагира

12/12/2025  23:58

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на партијата, Антонијо Милошоски, јавно изрази незадоволство од работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, конкретно од функционирањето на ресорот Правда, кој го води кадар на коалицискиот партнер ЗНАМ. Неговите изјави предизвикаа реакција од ЗНАМ движењето за Македонија.

Во телевизиско интервју, Милошоски оцени дека актуелниот министер за правда Игор Филков нема доволни перформанси и дека не ги исполнува очекувањата во спроведувањето на реформите во правосудството. Тој посочи дека, доколку би бил мандатар за состав на Влада, Филков не би останал на функцијата министер за правда.

Ваквите ставови беа дочекани со негодување од ЗНАМ, од каде што порачаа дека станува збор за неосновани напади врз еден од најактивните ресори во Владата. Потпретседателот на ЗНАМ, Павле Арсоски, изјави дека Министерството за правда во изминатиот период има доставено рекорден број законски решенија и дека критиките на Милошоски се неаргументирани.

Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ јавно да се огради од изјавите на Антонијо Милошоски. Ова е директен напад врз личниот и професионалниот интегритет на министерот за правда и врз работата на Владата во целина порача Арсоски.

Од ЗНАМ нагласуваат дека ресорот Правда бележи конкретни резултати и дека реформската агенда не смее да биде предмет на внатрекоалициски пресметки. До овој момент, од ВМРО-ДПМНЕ нема официјална реакција на изјавите на Милошоски, ниту на барањето на ЗНАМ за јавно оградување.