Skip to main content
Балкан

Мигранти се удавиле откако чамец што ги превезувал се превртел во Сава

11/12/2025  20:36

Во раните утрински часови на реката Сава, на потегот од Самостан до поранешната фабрика „Бродјанка“ во Славонски Брод, се случила тешка трагедија во која животите ги загубиле повеќе мигранти.

Според изјавите за Хина, командантот на Јавната противпожарна единица во Славонски Брод потврдил дека загинале три лица, додека хрватската полиција досега официјално информира дека има најмалку еден загинат.

На терен веднаш излегле екипи на противпожарната служба, полицијата, итната помош и Хрватската горска служба за спасување (ХГСС) по добиена пријава дека група мигранти се превртела со чамец обидувајќи се да ја премине реката.

Според досегашните информации, во чамецот имало вкупно 13 лица. Полицијата потврди дека под надзор се наоѓа државјанин на БиХ, осомничен дека ги превезувал мигрантите преку реката во обид за незаконски премин.

Истражните служби и спасувачките екипи продолжуваат со пребарувањето и обезбедувањето на подрачјето, додека трае утврдувањето на сите околности поврзани со трагичниот настан.