Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Жените се „моторот“ на општествените промени

18/05/2025  15:01

На 20-тата Годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, која денеска се одржува во Градскиот парк во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека жените се фундаментот на општеството, носители на борба, истрајност и промени.

Во своето обраќање, тој изрази длабоко уважување кон секоја жена која со мудрост, волја и ентузијазам придонесува за иднината на државава.

– Македонија мора да успее. И тие победи мора да се случуваат секој ден, сантиметар по сантиметар, чекор по чекор, непрестајно да се бориме за нашата иднина- порача премиерот, истакнувајќи дека оваа борба е заедничка и дека секоја жена е дел од тој процес.

Мицкоски упати благодарност до претседателката Жаклина Пешевска и сите членки на Унијата на жени, нагласувајќи дека нивната посветеност, активност и ангажман се темел на политиките што се стремат кон подобра иднина за државата.

Конференцијата, која годинава го носи мотото „Жените громогласни за Македонија“, ја истакнува дведецениската посветеност на Унијата во борбата за правата и застапеноста на жените во политичкиот и општествениот живот.