Skip to main content
Македонија

Мицкоски: За само две години сме оствариле додадена вредност поголема од таа на СДСМ и ДУИ за 6 години, а долгот е за речиси 2 ипол пати помал

28/05/2026  14:06

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања зборувајќи за задолжувањето, истакна дека во јуни нема да има ново задолжување како што претендира опозицијата, а правејќи компарација помеѓу шест години од владеењето на СДСМ и ДУИ и овие две години од владата на ВМРО истакна дека според ММФ, оваа влада за две години остварила поголема додадена вредност отколку владата на СДСМ и ДУИ за 6 години, а задолжувањето е за речиси 2 ипол пати помало.

„Е сега што сработиле тие и што сработила оваа влада. Разгледуваниот период 2017-2026, крај на 2026-та. Ова се бројки и параметри коишто ги дефинира Министерството за финансии и ММФ, не Христијан Мицкоски, не ВМРО-ДПМНЕ, не Владата, туку ММФ. Ќе се сложиме дека тоа е кредибилна институција. Еве слушнавме од пратеник дека Венецијанската комисија не била кредибилна институција и тоа било ништо, но ќе се сложиме дека ММФ е кредибилна институција. Што вели ММФ? Ќе ја исклучиме 2017 бидејќи беше споделена година и ќе ја исклучиме 2024 година бидејќи беше, исто така, споделена година. Периодот на претходната влада СДСМ-ДУИ први јануари 2017-та, јавен долг 4 милијарди и 787 милиони евра, период завршен на анализа 31.12.2023, јавен долг 8 милијарди 8 милијарди 477 милиони евра. Нето задолжување од 3,69 милијарди. Влада на ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН и ЗНАМ, 1-ви јануари 2025-та, 9 милијарди јавен долг и 619 милиони денари и како што кажа вашиот колега пратеник, претпоставуваме како што тој вели, дека ќе дојдеме до 11 милијарди, но нема да дојдеме. Тој вели дека ќе дојдеме, но јас еве велам дека нема да дојдеме, но еве како што вели тој, нека биде така, 11 милијарди, нето задолжување 1 милијарда и 381 милион евра. Во економијата се гледа и се цени додадената вредност која што вие со задолжувањето ја креирате, според ММФ, не според Христијан, не според Владата. Додадената вредност ја отсликува номиналниот БДП во економијата. Номиналниот БДП на први јануари 2018 година изнесувал 11 милијарди и 340 милиони евра. На 31-ви декември 2023 година номиналниот БДП изнесувал 15 милијарди и 860, пардон не е валутата евра, туку долари, 860 милиони долари или вкупно успеале за период од 6 години да додадат вредност на номиналниот БДП од 4,52 милијарди долари, а државата ја задолжиле за 3,69 милијарди евра, за истиот тој период од 6 години. Оваа Влада, ваква, таква, никаква, потаква како што тие викаат, не ја бивало. Први јануари 2025 година номинален БДП 16 милијарди и 950 милиони евра, според ММФ повторувам, 31 декември, претпоставка според ММФ, а и според буџетот кога е креиран, 21 милијарда и 610 милиони евра, додадена вредност од 4 милијарди и 660 милиони евра. Разликата меѓу нивните 6 години и овие две години е 140 милиона во корист на оваа влада, а притоа се задолжила за една милијарда и 381 милион евра. Да поедноставам. Додадената вредност за период од две години е поголема од таа за 6 години, а долгот е за речиси 2 ипол пати помал. Тоа се бројки”, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Еве јас не знам за економија, но знам за бројки. И ова не го зборува Христијан Мицкоски не го зборува ВМРО-ДПМНЕ или Владата, ова го зборува ММФ, ќе се сложите дека според ММФ барем 2 ипол до 3 пати оваа влада е поуспешна од претходната и ние мораме со таа влада да се компарираме, не можеме со некоја замислена влада да се компарираме”.