
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата анализира европски модели за финансиска независност на судството, но нагласи дека тоа ќе значи и значително поголема отчетност и контрола врз трошењето на средствата преку Државниот завод за ревизија и собраниската комисија.
Ова доаѓа по писмото што двете највисоки тела на судската власт – Судскиот совет и Врховниот суд, заедно со Здружението на судии – денеска го испратија до премиерот, реагирајќи на вчерашните негови критики дека реформите во правосудството се сведуваат само на зголемување на плати за судиите, обвинителите и правосудната администрација.
Мицкоски потсети дека вчера цврсто се изјаснил дека нема да поддржи реформи кои значат „само повисоки плати“, додавајќи дека денеска со министрите за надворешни работи, трговија, европски прашања и финансии анализирал можни законски решенија што ги бара Европската унија, како и модели на буџетска независност што се применуваат во европски земји.
„Се бара независност во финансирањето, платите и независен буџет. Во ред. Но треба да знаат дека во тој момент одговараат за секој денар потрошен од граѓаните – од хигиена до реконструкции. Ќе го добијат тоа, но со строга контрола“, изјави премиерот.
Тој додаде дека законите ќе бидат донесени до Нова година и со ироничен тон порача дека очекува од Брисел по тоа да кажат „браво“ и дека Македонија „добила петка“.
Мицкоски истакна дека, покрај независноста, единственото што ќе го бара од судството е целосна отчетност:
„Тоа се народни пари. Како што мене ме контролираат, така и нив ќе ги контролираат.“
Одговарајќи на новинарско прашање за денешното писмо од судските институции, премиерот рече дека нема намера да одговара на такви дописи и дека граѓаните сами треба да кажат дали се задоволни од испораката на правдата во државата.
„Нека кажат граѓаните. Дали се тие задоволни од правдата во Македонија? Јас ќе гледам каде се троши секој денар. Да не се случи некој од нив да заврши на обвинителска клупа“, предупреди Мицкоски.
Од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии денеска оценија дека премиерот со своите коментари „ја преминал границата на добро однесување“ и дека неговите изјави биле неаргументирани и паушални.
Инаку, уште пред изборите Мицкоски остро ги критикуваше судиите и обвинителите, за кои тогаш тврдеше дека не ги заслужуваат ниту сегашните плати, а не пак покачување.

