Skip to main content
Економија

Мицкоски смета дека мерките дале резултат и цените на прехрабените продукти се намалиле

24/04/2025  18:00

Претседателот на владата Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека цените на храната се намалени дури и по потрошувачката кошничка која ја прави еден од синдикатите и посочи дека таа кошничката која ја спрема владата кога ќе биде готова ќе биде дадена на увид, но ќе ги содржи сезонските производи и просечните цени од повеќе маркети, а не само од скапите.

Премиерот Мицкоски потенцираше дека новата потрошувачка кошничка се прави во консултација со низа институции, за што е задолжено министерството за економија и труд со сезонски продукти и каде што репер цена ќе биде онаа која е просечна од неколку маркети, а тоа им е кажано и на синдикатите.

„Сите знаеме има ланци кои се со пониски цени и такви со повисоки цени. Не е готова, ќе биде дадена на јавноста, на синдикатите на мислење и ќе ги опфати оние производи кои се потребни, а не со кои се вулгаризира сето ова. Ние не велиме дека таа кошница ќе ја натсинхронизира таа на синдикатот, но добро е да имаме 2-3 мислења, а граѓаните нека судат.”, посочи премиерот Мицкоски.

Во врска со дијалогот со синдикатите, премиерот Мицкоски посочи дека има чувство дека голем дел од пораките кои доаѓаат од една од синдикалните организации се повеќе политички отколку синдикални.

„Но во ред и тоа е легитимно. Ова го кажав и на состанокот директно. Ако некој решил сето ова да го сведе на политика нема проблем, ќе водиме политика, но по пат да не се загубиме. Затоа што тешко се живее, за жал како да државата претставува депонија на производи, а не суштински производи со вистински квалитет, и имам чувство дека дел од маркетите и трговците како да изгубиле чувство во која држава стопанисуваат и имаат маржи надвор од нормалните. Не ретко се случуваат и индиции за картелско здружување на одредени субјекти кои диктираат цени и маржи и имајќи го сето ова во предвид анализираме и правиме акција. Покажуваме добра волја за да направиме добро за граѓаните. Донесовме две мерки, ограничување на дистрибутивните и трговски маржи и да ги објават цените.”, нагласи Мицкоски.

Зборувајќи за тоа како маркетите ги објавија цените премиерот Мицкоски посочи дека шокирачко е однесувањето на некои трговци и следен пат владата ќе изготви софтвер за нема злоупотреби и на таа мерка.