
Се бараат правни механизми како да биде разрешен државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, изјави премиерот Христијан Мицкоски, со што јасно стави до знаење дека не се откажува од идејата за негово отстранување од позицијата прв јавен обвинител. Мицкоски деновиве го обвини Коцевски дека не си ја извршувал работата и дека затоа е неопходна негова смена.
„Битно е дека дојдовме до констатацијата, а сега треба да видиме како е правниот процес, за да не остане повторно некаква дилема… Затоа дојдовме до оваа констатација, а сега оставете да го најдеме точниот пат до таму“, изјави премиерот Мицкоски.
Коцевски пак вели дека ваквата изјава ја слуша веќе неколку месеци, но дека тој совесно си ја врши работата, што, според него, го докажуваат бројките од решени предмети поднесени од МВР. Додава дека изјавата на премиерот ја смета за политичка.
„Јас и понатаму ќе продолжам да ја вршам работата законито, совесно и професионално. Сè уште сметам дека тоа е само политичка изјава, затоа што резултатите се истакнати во нашиот годишен извештај. Еве, за податок – од МВР имаме прилив од 14 илјади предмети, а јавните обвинители ја решиле таа бројка“, рече Коцевски.
Во врска со финансиската независност, Коцевски потсети дека буџетот за обвинителството треба да изнесува 0,4% од државниот буџет, согласно законите. Премиерот Мицкоски, пак, оцени дека нема основа за зголемување на платите, бидејќи буџетските издвојувања за правосудниот систем се повисоки од европските.
„Нашите судии имаат плати од околу 2.000 евра, претседател на суд добива 3.000, а мојата плата е 2.500 евра“, рече премиерот.
Тој додаде дека има претседатели на судови со месечни примања од околу 180.000 денари, и дека некои поединци „грчевито се борат за фотелјата“ и бараат уште повисоки плати.
Мицкоски најави и формирање собраниска комисија која ќе врши надзор врз трошењето на парите во судството и обвинителството.
