Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Професионален и одржлив граѓански сектор кој е вистински партнер во креирањето и реализацијата на државните политики

26/11/2025  13:55

Ниту една Влада, колку и да е силна, не може сама да ги носи промените. Ниту едно граѓанско општество, колку и да е развиено, не може да ја исполни својата улога без институции кои се отворени, транспарентни и подготвени за дијалог. Токму затоа денес можеме со гордост да кажеме дека Македонија гради зрел, структуриран и одговорен модел на соработка, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски на вториот национален форум саем на граѓански организации „Соработка на Владата и граѓанското општество“. 

Премиерот потсети дека на 8 јули годинава на 90. седница на Владата ја усвоиле Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028.

– Ова не е документ напишан во кабинет, ова е стратешка рамка создадена низ транспарентен и партиципативен процес. Во нејзината подготовка активно учествуваа претставници на граѓанските организации, беа спроведени консултации преку ЕНЕР, се одржаа две јавни расправи, а Советот за соработка со граѓанското општество даде позитивно мислење со кое го потврди нашиот заеднички правец. Визијата е јасна: силен, независен, професионален и одржлив граѓански сектор кој е вистински партнер во креирањето и реализацијата на државните политики. Сектор кој ја засилува демократијата, ги штити правата на граѓаните, ја следи работата на институциите и помага да се затвори јазот меѓу институциите и народот, рече Мицкоски.

Тој информира дека Стратегијата почива на три носечки принципи. – Прво, инклузивност и партиципативно планирање, затоа што политиките мора да се градат со оние кои секојдневно работат на терен. Второ, сигурност и одговорност, затоа што граѓанскиот сектор мора да има стабилна правна рамка и јасни правила на игра и трето, отвореност и транспарентност, затоа што само отворена држава може да воспостави доверба и еднаквост пред законот. Усвојувањето на оваа стратегија значи подобра правна рамка, поголеми механизми за учество, повисока финансиска одржливост и посилни демократски стандарди. Предвидуваме и формирање гарантен фонд нов инструмент кој ќе им овозможи на граѓанските организации полесно да обезбедуваат кофинансирање за европски и меѓународни фондови како ИПА, Хоризонт Европа, ИнвестЕУ, Дигитал Европа и други. Со ова го отвораме патот за побројни, посериозни и поквалитетни проекти, рече премиерот. 

Според него, особено важно е и заживувањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

– По обемни консултации, го оптимизиравме неговиот состав, воведовме заменици за поголема ефикасност и ја засиливме обврската за транспарентност. Со конститутивната седница на 7 април го прекинавме тригодишниот бојкот и денес Советот функционира активно, досега се одржаа пет седници, сите материјали и записници се јавно објавени. Советот веќе номинираше 13 претставници на граѓанскиот сектор во советодавни и работни тела на Владата, што претставува реално, суштинско влијание на секторот во изработката на политики. Паралелно работиме и на нов Закон за здруженија и фондации современ, европски, функционален, создаден во партнерство со секторот. Работната група предводена од Министерството за правда одржа повеќе состаноци, а нашата цел е до крајот на годината текстот да биде објавен на ЕНЕР и доставен до Венецијанската комисија. Ова не е закон на Владата, ова е закон што го создаваме заедно со вас, рече Мицкоски.

Граѓанските организации, како што рече, веќе учествуваат и во подготовката на Програмата за работа на Владата за 2026 година. – На 15 август упативме јавен повик, согласно Кодексот за добри практики, и пристигнаа 22 иницијативи од организациите. Со измените на Деловникот го продолживме рокот на јавна консултација од 20 на 30 дена затоа што вистинските политики бараат време, дебата, дијалог и аргументи. Ова не е само административен процес. Ова е промена на политичката култура. Ова е пораката дека државата конечно ги третира граѓанските организации како рамноправни партнери, како фактори што носат развој, стабилност и контрола, а не како странец во политичките процеси, порача Мицкоски.

Премиерот Мицкоски претходно изјави дека граѓанското општество, невладиниот сектор заедно со Владата треба да бидат во една континуирана дебата за различни теми. – И како резултат на таа дебата  сите ние треба да градиме подобри политики, политики коишто ќе значат развој за државата. И во име на тоа и во име на посветеноста на Владата сакаме да испратиме порака со ова наше присуство дека ние сме сериозно заинтересирани за градење на доверба со невладиниот сектор, со граѓанскиот сектор и цениме дека ваквите настани само можат да додадат вредност во нашето општество и генерално во нашата држава. Како Влада покажавме отвореност, транспарентност, во овие речиси година и половна откако сме избрани. Нормално тоа не е нешто коешто е засекогаш дадено, туку треба да се надградува, треба да се работи и ние како Влада работиме континуирано и се разбира заедно со граѓанскиот сектор и нивните би рекол сугестии, совети, ќе ја унапредуваме транспарентноста на Владата, отчетноста на Владата во месеците и годините коишто ќе следат, изјави Мицкоски.

Одговорајќи на новинарско прашање за поголемо државно финансирање на невладиниот сектор и за пренесување надлежности од централна власт на невладинот сектор, премиерот изјави дека како  Влада работат прво на фискална консолидација. – Тоа е нешто коешто го бара и меѓународната заедница од нас. За жал, како Влада кога бевме избрани па до ден денес, состојбата беше таква каква што беше, не треба да ве потсетувам, со огромен буџетски дефицит, со лошото проектирање на приходната страна,  со слабо проектирање на расходната страна и буџетски дефицит којшто беше 4,5, 5 проценти од БДП.  Следната годна имаме повеќе од 2,2 милијарди евра за враќање, стари долгови. Од друга страна потребно е, го бараат меѓународните финансиски институции како што се ММФ, СБ и итн., да направиме фискална консолидација. Јас мислам дека веќе следната година 26-та ќе дојдеме до оние 3,5 проценти, буџетски дефицит од БДП и веќе по таа година можеме да планираме, не само за граѓанскиот сектор, односно цивилното општество, туку и за други елементи во државата поголеми дотации од страна на државата, изјави премиерот.

Апсолутно сум согласен, потенцира премиерот, дека е потребно повеќе, но потребно е повеќе во многу сектори.

– Но прв приоритет, а ние се раководиме по приоритети, така работиме, ни е фискална консолидација и нормално исполнување на обврските коишто ги преземале некои претходни влади, за жал цеховите дојдоа сега да се плаќаат, рече Мицкоски.