Skip to main content
Економија

Мицкоски: Постигнат е договор и откупот на пиперката тече според очекувањата

15/08/2026  14:40

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ситуацијата со производителите на пиперка е санирана и дека откупот веќе неколку дена се одвива според очекувањата.

Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на нова спортска сала во Општина Кисела Вода дали е надминат проблемот со производителите на пиперка, Мицкоски рече дека според информациите што ги добил од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, биле водени разговори меѓу засегнатите страни.

Тој посочи дека Владата ги поддржува барањата на земјоделците за повисоки откупни цени и оцени дека нивниот труд е потценет од страна на откупувачите. Како што посочи, на земјоделците им било предложено заеднички да протестираат пред најголемите откупувачи, но тие не ја прифатиле таа иницијатива.

-Еве ние ве поддржуваме. Ние сакаме да имате повисока цена за вашиот род и заслужувате повисока цена, и треба да имате. Вашиот род од страна на откупувачите е потценет, ајде заедно во откупните центри да протестираме сите. Е тогаш наеднаш се постигна договор, наеднаш сите се договорија и наедеднаш се затвори целата оваа приказна. Но, добро е што сега сите се задоволни и што откупот веќе неколку дена тече онака како што очекувавме – истакна премиерот Мицкоски.