Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Остануваме посветени на изградба на дата центри, светот оди во таа насока и процесот е неповратен

14/09/2026  14:44

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата не се откажува од идејата за изградба на дата центри затоа што, како што нагласува, светот и човештвото одат во таа насока и тој процес е неповратен. Потенцира дека Владата не добила никаков допис од ЕУ дека се откажуваат од финансирање и давање грант за изградба на националниот дата центар. Ако такво нешто пристигне, додаде, тогаш тоа ќе може да го коментираме. 

Благодарение на тие дата центри и таа вештачка интелигенција, нагласи Мицкоски, денеска можевме да видиме како функционира голем дел од оваа опрема на ГП Табановце. 

– Впрочем, без таа вештачка интелигенција и некои дата центри јас денеска немаше со вас да комуницирам на овој начин како што комуницирам. Затоа, да ги оставиме оние политички сили да тонат во нивното политичко мочуриште од 19-тиот и 20-тиот век и да дозволиме да се развиваме како држава онака како што заслужуваат граѓаните – рече премиерот во одговор на прашање при посетата на ГП Табановце. 

Прашањето зошто изградбата на национални дата центри во земјите од Западен Балкан веќе не е приоритет за Брисел, со оглед на тоа што ЕУ ја финансираше „Везилка“ конкретно во Македонија му беше поставено и на евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, кој истакна дека нема такви информации. 

– Јас за жал не можам да ја потврдам вашата информација. Како што веќе знаете, „Везилка” беше пуштена во употреба, односно во функција пред два месеца. Таа треба да биде поврзана со поголемиот дата центар во Република Грција, така што навистина досега немам добиено никаква информација во врска со вашето тврдење, одговори кусо Рокас.