
Премиерот, Христијан Мицкоски, објави одлука од Апелациониот суд со која се утврдува дека СДСМ изнесувала невистини и клевети против него.
„Во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визија и партии што опстануваат преку клевети, лаги и фабрикувани конструкции. СДСМ одамна го избра вториот пат. Апелациониот суд со правосилна пресуда утврди дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за мене, без докази и без основа. Со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како клеветничка партија. Тоа што со години го претставуваа како „политичка борба“, денес е официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава“, вели Мицкоски.
Според него, оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел: наместо аргументи, напади; наместо програми, дискредитации; наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета.
„Политичката критика е легитимна и потребна. Клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор. Македонија мора да се движи напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не со фабрикации и лични напади“, вели Мицкоски.
Тој вели дека оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници.
„Истите кои ширеа гласини и правеа бичборд кампања против мене. СДСМ одбира да продолжи по тој пат на лаги, клевети и манипулации, надевајќи се дека ќе игра со чувствата на граѓаните, во ситуација кога дезинформациите и чувствата кои тие ги создаваат се побрзи од вистината и разумот. Тие одлучуваат да продолжат да го потценуваат сопствениот народ. Тоа не е само одлука, туку е врвно предавство на моралот и вредностите во политиката и посебен вид предавство на сопствениот народ. Тие мислат дека така ќе успеат. Но времето ќе им докаже дека грешат. А народот ќе им докаже дека е посилен од нив и дека ваквите лаги нема никогаш да им пројдат“, напиша Мицкоски.


