Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Можно е нелегалното производство на канабис да достигне и до 100 тони 

08/02/2026  22:57

По заплената на околу 40 тони марихуана во акција на Министерството за внатрешни работи, спроведена по налог на Обвинителството, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата на наредната седница ќе донесе одлука за спроведување проверки во сите компании кои поседуваат лиценца за одгледување медицински канабис.

Мицкоски истакна дека ќе се утврдува и што се случувало со растителните остатоци од производството, како и дали тие биле третирани согласно прописите.

Запленетата марихуана, како што информираше премиерот, ќе биде складирана во посебни депоа до правосилно завршување на судската постапка, по што ќе биде уништена.

Во меѓувреме, компаниите кои легално произведуваат масло од канабис за извоз ќе продолжат со работа согласно важечките законски прописи, додека институциите ја продолжуваат истрагата за целиот случај.