
По заплената на околу 40 тони марихуана во акција на Министерството за внатрешни работи, спроведена по налог на Обвинителството, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата на наредната седница ќе донесе одлука за спроведување проверки во сите компании кои поседуваат лиценца за одгледување медицински канабис.
Како што посочи премиерот, контролите имаат за цел да утврдат дали постојат отстапувања од законските прописи и дали производството се одвива во согласност со важечката регулатива. Тој не ја исклучи можноста количините произведени спротивно на законот да достигнат и до 100 тони, додавајќи дека истрагата треба да покаже кој и од кои причини го изменил правилникот за одгледување канабис, за кој, според него, постои несогласување со законските решенија.
Мицкоски истакна дека ќе се утврдува и што се случувало со растителните остатоци од производството, како и дали тие биле третирани согласно прописите.
Запленетата марихуана, како што информираше премиерот, ќе биде складирана во посебни депоа до правосилно завршување на судската постапка, по што ќе биде уништена.
Во меѓувреме, компаниите кои легално произведуваат масло од канабис за извоз ќе продолжат со работа согласно важечките законски прописи, додека институциите ја продолжуваат истрагата за целиот случај.

