
Линеарното зголемување на пензиите, кое започна во ноември 2024 година, до април 2026 година ќе достигне вкупно 7.000 денари, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој одговараше на новинарски прашања при пуштањето во употреба на нова детска градинка во Кочани, посочувајќи дека оваа мерка има значаен ефект врз намалувањето на сиромаштијата кај пензионерите и овозможува поправедна распределба на приходите.
„Што се однесува до стапката на сиромаштија, во 2024 година таа е помала споредена со 2023 година, изнесува 21,9%. Во 2023 година стапката сиромаштија изнесуваше 22,2%. Ако се спореди со 2021 година, тогаш е 23%. Цениме дека со оваа интервенција, која ја почнавме уште во ноември 2024 година за октомвриската пензија, кај пензионерите ќе влијаеме уште попозитивно во намалување на стапката на сиромаштија бидејќи од оние параметри кои ги објави Државниот завод за статистика јасно се гледа дека пензионерите се најсиромашната група граѓани. После овие интервенции на линеарно зголемување не само што се намалува тој јаз односно се зголемува правилната распределба на приходите туку се намалува и стапката на сиромаштија бидејќи заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување за 7.000 денари“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот не сакаше да ги коментира одлуките на Уставниот суд во врска со линеарното покачување на пензиите, наведувајќи дека законитоста ќе се разгледува кога Судот ќе биде во полн состав, со оглед на тоа што моментално недостигаат двајца судии. Сепак, тој потсети на состојбата пред воведувањето на оваа мерка, кога значителен дел од пензионерите земале исклучително ниски примања.
„Ќе ве потсетам на уште еден параметар кој го забораваме, дека 150.000 пензионери пред да почне ова линеарно зголемување имаа пензии кои беа околу 10-12.000 денари. 150.000 пензионери од 330.000. Тоа значи дека со ова линеарно зголемување нема пензија која е под 15.000 денари односно се движат од 17-19.000 денари. Како Влада ќе продолжиме во таа насока“, рече премиерот Мицкоски и додаде дека Владата ќе продолжи со поддршка и за другите целни категории граѓани.
Инаку, линеарното зголемување на пензиите започна во октомври 2024 година со покачување од 2.500 денари, а ист износ следуваше и во март 2025 година. Третото зголемување, од 1.000 денари, беше реализирано во септември минатата година, додека ново покачување од 1.000 денари е најавено за март оваа година.

