Skip to main content
Македонија

Мицкоски ги повика кумановци да гласаат за Максим Димитриевски

04/10/2025  23:49

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата, Христијан Мицкоски, вечерва од Куманово испрати порака за единство, работа и одговорност, нагласувајќи дека Македонија по 15 месеци од преземањето на власта се извлекува од состојба на речиси целосен финансиски колапс.

„Пред 15 месеци наследивме држава пред банкрот, речиси распадната. Но со се што направивме и со она што следува, Македонија ќе успее. Овој народ ќе успее,“ изјави Мицкоски пред голем број граѓани.

Тој ги повика кумановци да направат „вистински избор за иднината“ и да ја поддржат советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Максим Димитриевски.

„Битката ја водиме заедно. Народот е оптоварен со секојдневни грижи, но ние нема да ветуваме чуда – ќе работиме со волја и чесност,“ порача Мицкоски.

Премиерот се обрати и до, како што рече, „чесните членови на СДСМ“, повикувајќи ги да се приклучат кон промените и да ја напуштат, како што ја опиша, „затворената структура што брани лични бизнис интереси наместо иднина за државата“.

Осврнувајќи се на економијата, Мицкоски посочи дека опозицијата со месеци тврди дека нема раст на платите, а сега, според нивните сопствени бројки, платите пораснале за 10,6 проценти. Тој додаде дека инфлацијата, која сега е под 4 проценти, е најниска во регионот и една од најниските во Европа, што е спротивно од времето кога Владата на СДСМ и ДУИ ја оставила над 20 проценти.

„Кога растот на пензиите е 7.000 денари линеарно за година и пол, тоа го нарекуваат ништо. Но кога тие покачуваа 150 или 700 денари – тоа им беше успех,“ рече Мицкоски, обвинувајќи ја опозицијата дека ги извртува вредностите и ја убедува јавноста дека „криминалот е вредност, а распродажбата на националните интереси – патриотизам“.

Во својот говор, тој остро ги критикуваше поранешните носители на функции, меѓу кои и Венко Филипче, наведувајќи дека „немаат морално и политичко право да зборуваат за правда“.

„По овие избори ќе има одговорност. Обвинителството и судството ќе мора да објаснат зошто стотици случаи со докази стојат заборавени во нивните фиоки. Време е правдата да ја водат вистински обвинители и судии,“ рече Мицкоски.

На крајот, Мицкоски изрази увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне историски најголем резултат во Куманово, повикувајќи ги граѓаните да ја поддржат листата на советници, адвокатот Владимир Михајловски како носител, и коалицискиот кандидат за градоначалник, Максим Димитриевски.

„Убеден сум дека Куманово ќе избере работа, чесност и резултати. Време е за вистинскиот избор,“ порача Мицкоски.