
Договорот од 2,3 милиони евра за биолошка терапија, склучен со веледрогеријата „Пановски“ од страна на Клиниката за онкологија, го коментираше премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“. Тој објасни дека оваа компанија ќе продолжи да добива тендери, бидејќи соработува со една од водечките светски компании за производство на вакви лекови, но нагласи дека главната разлика е што сега не се користат лекови на реверс.
„Проблемот со недостатокот на лекови е решен за рекордно време и ветувам дека таква ситуација нема да се повтори. Првпат има целосна контрола врз тоа кој лек се аплицира, каде и на кои пациенти,“ истакна Мицкоски.
Одговарајќи на прашањето зошто актуелното раководство на Клиниката го склучило договорот со веледрогеријата „Пановски,“ која ВМРО-ДПМНЕ претходно ја обвини за фаворизирање од страна на поранешната власт, премиерот рече:
„Точно е дека постои договор, и претпоставувам дека во иднина ќе има уште вакви договори, но сега нема реверси и има транспарентност.“
Иако дел од пациентите останаа без терапија, Мицкоски уверува дека недостигот на лекови е краткорочен проблем, кој ќе биде трајно решен. „Поентата е дека системот веќе не дозволува злоупотреби и нелегални процедури. Кривично дело нема да се направи по цена на компромис со законот,“ изјави тој.
Премиерот вети дека ќе се работи на трајно обезбедување на лекови за пациентите со рак, без ризик од повторување на минатите грешки.