Skip to main content
Економија, Македонија

МЕРМС го одбележа Денот на рударите: Почит кон трудот денес, визија за модерно рударство утре

27/08/2026  09:33

Со рекордна наплата на концесиските надоместоци, нова Стратегија за минерални суровини и нови законски решенија што треба да донесат поголема транспарентност, посилен надзор и повисоки стандарди за безбедност и заштита на животната средина, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го одбележа Денот на рударите – 28 Август.

На свеченоста во Скопје, на која присуствуваа претставници на рударскиот сектор, компании, институции, стопанството, науката и академската заедница, како и рудари со долгогодишно искуство, беше испратена јасна порака: иднината на македонското рударство е во безбедноста, модернизацијата, одговорното користење на природните ресурси и конкретните придобивки за локалните заедници.

„Во средиштето на овој ден отсекогаш бил и мора да остане човекот – неговото достоинство, неговата безбедност и почитта кон неговиот труд. Рударството е значаен дел од македонската економија, но неговиот иден развој мора да се темели на јасни правила, засилен институционален надзор, поголема безбедност, современи технологии и конкретни придобивки за средините во кои се врши експлоатацијата”, истакна министерката Божиновска.

Во своето обраќање, министерката ги презентираше резултатите во секторот, при што посебно ја истакна наплатата на концесиските надоместоци.

Во 2025 година се наплатени повеќе од 1,22 милијарди денари, што претставува историски највисоко ниво на наплата. Позитивниот тренд продолжува и во 2026 година. Само во првите шест месеци се наплатени речиси 574 милиони денари, што е повеќе од двојно во однос на истиот период во 2024 година.

Според Божиновска, ова е резултат на подобрувањето на системот на наплата, засилениот институционален надзор, почестите контроли и поодговорниот однос кон исполнувањето на обврските од страна на концесионерите.

Во 2025 година во Македонија се произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, додека рударството учествуваше со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот македонски извоз.

Македонија конечно има и Стратегијата за минерални суровини, со која по повеќе децении оваа област треба да добие јасна и долгорочна развојна насока. Паралелно се финалзираат и нови законски решенија за рударството и геолошките истражувања, чија цел е попредвидлива регулатива, поголема транспарентност, посилен надзор, повисоки еколошки стандарди и поактивно учество на локалните заедници.

Посебен акцент беше ставен на придобивките што рударството треба да ги создава за општините и граѓаните. Согласно законската распределба, 78 проценти од платените концесиски надоместоци се приход на општината на чија територија се врши концесиската дејност. Овие средства треба да се претвораат во подобри локални патишта, водоводи, комунална инфраструктура, училишта, јавни услуги и проекти за заштита на животната средина.

„Рудникот не смее да биде изолиран остров на економска активност. Тој треба да биде двигател на целиот регион во кој работи“, истакна Божиновска.

Министерството ќе продолжи со засилени контроли, редовно следење на концесиските обврски и доследна примена на законите.

За компаниите што инвестираат во безбедноста на работниците, современи технологии, заштита на животната средина и локален развој, Министерството ќе биде партнер. За неодговорното работење и заобиколувањето на законските обврски, нема да има компромис.

„Ниту еден тон произведена руда, ниту еден процент од извозот и ниту една инвестиција не вредат повеќе од човечкиот живот. Безбедноста мора да биде култура на однесување во секој рудник, во секоја смена и на секое работно место“, порача Божиновска.

Во своето обраќање министерката ја потенцираше и потребата од создавање нови кадри за секторот. На рударството му се потребни млади инженери, геолози, техничари, оператори и експерти за животна средина. За таа цел е потребно посилно поврзување на рударските компании со средните стручни училишта и универзитетите, повеќе практична настава, стипендии, менторски програми и јасна професионална перспектива за младите.

Претседателот на Македонската асоцијација на рударство, Диме Петрески, го потенцираше значењето на рударството за економскиот и индустрискиот развој и потребата од партнерство меѓу институциите, компаниите, науката и рударите за создавање стабилен и предвидлив амбиент за развој на секторот.

Деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. Ѓорѓи Димов, посочи дека иднината на секторот е тесно поврзана со знаењето, новите технологии и создавањето нови генерации инженери и геолози. Современото рударство, како што истакна, треба да биде побезбедно, поефикасно, дигитализирано и одговорно кон животната средина.

Научниот соработник во Македонската академија на науките и уметностите, Александар Дединец, говореше за стратешкото значење на минералните суровини за енергетската и зелената транзиција.

„Прашањето денес не е дали треба да има рударство, туку какво рударство сакаме да развиваме – одржливо, научно засновано, безбедно и прифатено од локалните заедници“, посочи Дединец.

Посебен дел од настанот беше посветен на луѓето кои непосредно ја живеат рударската професија.

Катерина Новакова од САСА ја претстави перспективата на жените во современото рударство и посочи дека развојот на технологијата, дигитализацијата, механизацијата и автоматизацијата отвораат нови професионални можности. Таа ја нагласи потребата жените да имаат пристап до практикантски и менторски програми, обуки и можности за професионален развој и напредување.

За секојдневието на терен говореше Љубе Колев од Бучим, кој по долги години во рудниците годинава оди во заслужена пензија. Тој истакна дека во изминатите години машините се подобрени, работата е поорганизирана, а на безбедноста се посветува сè поголемо внимание.

„За мене, добар работен ден е кога ќе си ја завршиш задачата како што треба, машината ќе ја оставиш исправна и сите од смената ќе се вратиме дома здрави и безбедни“, порача Колев.

Во рамки на свеченоста, министерката Божиновска додели десет признанија на рудари за особен придонес, професионална посветеност и значајни заслуги во рударството.

Признанија добија 

Драганчо Јованчов – Рудник САСА

Иво Ѓоргиевски – Тораница

Иван Цеков – Злетово

Љубе Колев – Бучим

Игор Наумоски – Мермерен комбинат АД Прилеп

Драганчо Ивановски – АД ЕСМ – РЕК Битола

Сеад Башевич – ФИМАР БАЛКАН

Фуат Таири – ЈЕФУТА ИНЖЕНЕРИНГ

Борче Блажески – КРИН КГ

Боби Трајковски – МИСА-МГ

Одбележувањето на Денот на рударите заврши со заедничка порака дека иднината на македонското рударство треба да се гради врз знаење, модерни технологии, безбедност, одговорност кон животната средина и партнерство со локалните заедници, но и со почит кон луѓето кои секојдневно ја создаваат оваа индустрија.

„Нашата визија се темели на три неразделни одговорности: одговорност кон работникот, одговорност кон локалната заедница и одговорност кон идните генерации. Денес, сите бројки, резултати и планови за иднината за момент ги оставаме настрана. Затоа што овој ден има свои вистински главни лица. Почитувани рудари, овој ден е Ваш“, порача Божиновска.