Skip to main content
Македонија

Меѓународен конгрес на техничките факултети Science@FEIT

09/05/2025  08:23

Петтото јубилејно издание на меѓународниот конгрес на техничките факултети Science@FEIT при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, ќе се одржи денес и утре, во организација на факултетското студентско собрание при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФСС ФЕИТ).

Церемонијалното отворање ќе биде денес во DoubleTree by Hilton, а конгресот ќе продолжи утре во просториите на ФЕИТ во Скопје.

Под мотото „Инженерството ја гради иднината“, Science@FEIT иницира дијалог за улогата на инженерството во современото општество, поттикнувајќи ги младите да размислуваат смело, критички и интердисциплинарно.

Во текот на конгресот ќе се одржат презентации за најновите научни и технолошки достигнувања во различни области, како што се електротехника, телекомуникации, сајбер безбедност, машинско учење, вештачка интелигенција, авијација и слични дисциплини.

Зелената транзиција, идните изгледи на енергетскиот сектор, дигиталната трансформација на општествата и заштита од сајбер закани, ќе бидат темите на панел дискусиите.

Свои презентации на Science@FEIT ќе имаат професори, истражувачи, претставници на институции, како и на домашни и регионални компании кои се лидери во овие области.

Една од клучните цели на Science@FEIT е да создаде платформа за посилна соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор и иницирање на проекти кои ќе го зголемат вклучувањето на науката во реални проекти.

На Science@FEIT ќе бидат организирани практични работилници за зајакнување на вештините кај студентите, а ќе има можност за поголемо поврзување помеѓу студентите и компаниите.

Настанот се реализира со поддршка на JetBrains, Македонски Телеком, Шпаркасе Банка, Infineon Technologies, EVN Македонија, Gerresheimer и Цементарница УСЈЕ.