Skip to main content
Скопје

Меџити заедно со младите ја презентираше платформата „Младите за Чаир“

03/09/2025  16:23

Кандидатот на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, на денешниот  настан заедно со младите ја презентираше новата дигитална платформа „Младите за Чаир“ – интерактивен онлајн простор кој има за цел да ја засили улогата на младите и граѓаните во креирањето на идната развојна програма на општината.

Платформата е активна од 12 август, во чест на Меѓународниот ден на младите, што, како што истакна Меџити, не е случаен избор – бидејќи токму младите се иднината и сегашноста на Чаир.

„Тоа не беше случајност, затоа што сегашноста и иднината на Чаир започнува токму со нашата младина“, истакна Меџити.

Платформата е отворена за сите конструктивни идеи од младите и граѓаните, со цел да се создаде една реална, инклузивна и современа програма, која ќе го отсликува гласот, потребите и енергијата на новите генерации.

„Развојот на Чаир започнува со активно учество на младите. Ги поканувам сите да ги споделат своите идеи – секоја идеја е важна и ќе придонесе кон програма што носи напредок и иновации“, додаде тој.

Во своето обраќање, Меџити информираше дека веќе се пристигнати неколку креативни предлози преку платформата, меѓу кои се издвојува иницијативата за создавање на Call Center за граѓаните, како алатка за брза, директна и ефикасна комуникација со општината.

Покрај тоа, тој ја искористи можноста да ја најави и започнувањето на недела на култура во Старата скопска чаршија.