
Откако го напушти ВРЕДИ, Арбен Таравари ја напушта и владата. Aлијанса за Албанците, пред да наполни една година на власт, одлучи да премине во опозиција. Ова беше одлучено во понеделникот вечерта по состанокот на централното раководство.
-Донесовме одлука AА да премине во опозиција. АА гордо покажува дека минатата година, заедно со партиите од ВРЕДИ, успеавме да донесеме промена или политичка ротација кај Албанците, но нашиот заклучок е дека оваа промена за жал не е она што го ветивме, туку само замена, изјави Арбен Таравари, претседател на АА.
Коалицијата ВРЕДИ, од која дел беше и АА, вели дека тој си противречел себеси. Потпретседателот на Движењето БЕСА, Блерим Сејдиу, рече дека тој имал најголем дел во коалицијата.
-Вие сте министер на влада кој денес си противречи сам на себе. Дојдовте на власт за да си противречите себеси, а ова е навистина феномен и редок талент. Да дојдеш на власт и да си противречиш себеси е редок талент. Мора да бидете воздржани кога велите дека тоа не е она што се очекуваше, бидејќи на нашите состаноци во ВРЕДИ, тој побара повеќе од целиот политички дел, рече потпретседателот на Движењето БЕСА, Блерим Сејдиу.
Во меѓувреме, лидерот на ДД, Изет Меџити, го нарекува Таравари разочарување за активистите и за сите Албанци. Меџити ги повика кадрите и електоратот на АА да се префрлат во новоформираната партија ВРЕДИ.
-Ти не ја донесе промената. Ти ја спречи промената. Не се враќаш кај народот. Се враќаш на црната листа. Не ја напушташ Владата. Ја предаде Владата. Ти не го претставуваш духот на членството на AА. Го измами членството на АА. Ти не си херојот на оваа приказна. Ти си очајот на секој Албанец, вели Изет Меџити, претседател на ДД.
АА донесе одлука да ја напушти Владата еден ден откако премиерот Мицкоски изјави дека оваа недела ќе го испие последното кафе со Таравари. Инаку, партнерите од владејачката коалиција се свртеа против Таравари, од моментот кога тој призна дека има комуникациски канали со ДУИ.
Извор: ТВ21