Skip to main content
Скопје

Меџити: Помошното игралиште на ФК Шкупи – значајна инвестиција за развојот на спортот во Чаир

11/03/2026  21:45

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, вечерва го промовираше помошното игралиште изградено на стадионот на ФК Шкупи, инвестиција реализирана целосно од буџетот на Општина Чаир, која создава современи услови за тренинг и развој на фудбалот.

Игралиштето е изградено на површина од околу 3500 м² и е опремено со вештачка трева според современи стандарди, систем за дренажа и целосно осветлување, што овозможува негово користење во текот на целата година за тренинзи и спортски активности.

„Спортот има потреба од квалитетна инфраструктура и конкретна поддршка. Ова помошно игралиште создава подобри услови за младите и за развојот на фудбалот во Чаир, зајакнувајќи ја спортската традиција на овој град,” истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.

По овој повод, Меџити изрази благодарност и до поранешниот градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и до претседателот на Фудбалската федерација на Северна Македонија, Масар Омерaгиќ, кои го започнаа овој проект.

Оваа инвестиција отвора повеќе можности за младите и за спортот воопшто, создавајќи посериозни услови за развој на таленти и спортски активности во општината.