Skip to main content
Свет

Маж уапсен на железничката станица Миди во Брисел со „калашников“ во торба

03/09/2026  16:45

Припадници на полициска и воена патрола уапсиле маж на главната железничка станица Миди во Брисел, откако цариниците при безбедносна контрола во неговата торба пронашле автоматска пушка „калашников“, јавуваат денеска белгиските медиуми.

Според достапните информации, осомничениот непосредно пред тоа пристигнал со воз од Франција.

Како што пренесува бриселскиот портал „Политико“, мажот не мавтал со оружјето во внатрешноста на станицата, а истражителите сè уште ги утврдуваат причините поради кои ја носел пушката.

Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтен го искористи апсењето за да ја одбрани одлуката на Владата за распоредување заеднички безбедносни патроли составени од полиција и војска на железничките и метро-станиците во Брисел.

„Благодарност до службите за брзата и решителна реакција“, напиша Квинтен на платформата Икс.

Тој додаде дека случајот покажува оти зајакнувањето на патролите на железничките и метро-станиците со поддршка на армијата е од клучно значење и дека таквата практика треба да продолжи, па дури и да биде проширена.

Железничката станица Миди, најголемата меѓународна железничка станица во Белгија, со години се соочува со висока стапка на криминал и проблеми со безбедноста, наведува бриселскиот портал. Во периодот од 2018 до 2022 година на станицата годишно биле регистрирани околу 3.500 кривични дела, што е приближно еднакво на вкупниот број такви дела на железничките станици во 13 големи фламански градови заедно. Кражбите, изнудувањата и кривичните дела поврзани со дрога биле меѓу најчестите прекршоци.

Најновото апсење уследи по бранот вооружено насилство во јужниот дел на Брисел. Кон крајот на август беа регистрирани неколку престрелки во блиската населба Сен Жил, во кои имаше повредени лица, а полицијата приведе осомничени и заплени огнено оружје од воен тип.