
Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка и предложи мерка притвор за едно лице, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 3 во врска со став 1 од Кривичен законик.
Осомничениот 40-годишник од Кратово, на 11 септември, нападнал службено лице при вршење работи на јавната безбедност кои се однесуваат на спречување на кривично дело и на полицискиот службеник му нанел тешка телесна повреда. Кога двајца полицајци употребиле сила и ја отвориле заклучената врата од собата во која се наоѓал осомничениот, тој ги нападнал. На еден од полициските службеници со ножот му нанел тешки телесни повреди – прободна рана и посекотина.
Ценејќи ја опасноста од бегство и можноста да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.



