
Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) побара дополнителни гаранции и прецизни механизми во Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, предупредувајќи дека без конкретни решенија турската заедница може да остане недоволно застапена и дополнително маргинализирана во институциите.
Од МАТУСИТЕБ, кој е основан во 2003 година и обединува 72 здруженија членки, информираат дека на 5 јуни годинава до претседателката на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата доставиле официјален документ со наслов „Оценка и очекувања на турската заедница во Северна Македонија во однос на образованието, застапеноста и уставните права“.
Во документот се наведува дека турската заедница принципиелно го поддржува носењето закон кој ќе обезбеди транспарентен, праведен и функционален систем на соодветна и правична застапеност во јавните институции, но истовремено бара да се отстранат повеќе суштински нејаснотии во предложеното решение.
Од Сојузот посочуваат дека не е доволно јасно дефиниран поимот „пропорционалност“, ниту пак се утврдени конкретни механизми и мерливи критериуми преку кои ќе се обезбеди правичната застапеност на помалубројните заедници.
Според МАТУСИТЕБ, отсуството на јасни показатели остава простор за различни толкувања и селективна примена на законот, а дополнително загрижува и тоа што не се предвидени обврзувачки инструменти за следење и корекција на постојната потзастапеност на турската заедница во институциите на државната и локалната власт.
Во реакцијата се нагласува дека иако законот предвидува етничката припадност да се зема предвид само како дополнителен фактор во случаи на еднакви квалификации, не е јасно како ќе се обезбеди ефективна еднаквост за заедниците кои со години се недоволно застапени.
МАТУСИТЕБ предупредува дека истовременото отфрлање на автоматските етнички критериуми и ригидните квоти, без понуда на алтернативен механизам, може да доведе до продолжување на постојната нерамнотежа.
„Постои реален ризик новото законско решение, наместо да придонесе кон правична застапеност, да доведе до индиректна дискриминација и дополнителна маргинализација на турската заедница“, наведуваат од Сојузот.
Турската заедница очекува во законот прецизно да бидат утврдени јасни и мерливи критериуми за пропорционална застапеност, механизми за корекција на постојната потзастапеност, редовен мониторинг и јавна отчетност на институциите, еднакви можности за сите уставно признати заедници и гаранции дека правичната застапеност ќе биде реално, а не само формално право.
Од МАТУСИТЕБ порачуваат дека како една од темелните заедници која со векови придонесува во општествениот, културниот, образовниот и институционалниот развој на државата, турската заедница очекува законско решение кое ќе обезбеди вистинска, мерлива и одржлива правична застапеност, во согласност со духот на Охридскиот рамковен договор, Уставот и принципот на еднаквост на сите граѓани.


