Skip to main content
Скопје

МАТТО обезбедува проектор, Град Скопје најавува реконструкција на кино „Милениум“

15/04/2026  16:19

Киното „Милениум“ во скопскиот ГТЦ би можело повторно да почне со работа до септември годинава, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓоргиевски, потенцирајќи дека веќе се преземаат конкретни чекори за негова реконструкција.

„Сакам да истакнам, ексклузивно, дека преку Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО) се обезбедува проектот за Градското кино. Веќе сме во постапка. Имаме обезбедено средства од буџетот на Град Скопје, а тендерската постапка е или веќе распишана или ќе биде во наредните денови“, изјави Ѓоргиевски.

Тој додаде дека киното „Милениум“ е еден од објектите кои ќе бидат опфатени со реконструкцијата, со цел да се врати во функција по години неактивност и несоодветни услови.

„Се надевам дека до септември ќе биде ставено во функција. Тоа е добар рок ако се земе предвид дека долго време не функционираше, а таму имаше и несоодветни услови“, посочи градоначалникот.

Клучна поддршка во обновата ќе даде Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО), која ќе обезбеди нов проектор за киното. Постоечкиот дигитален ДЦП проектор бил набавен во 2012 година, но престанал да работи уште во 2023, што значително придонело за затворањето на објектот.

Киното „Милениум“ официјално престана со работа на 2 април 2025 година, кога преку социјалните мрежи информираше дека поради технички причини се прекинуваат проекциите.

Во меѓувреме, во Скопје филмските проекции се сведени на неколку локации – кината „Синеплекс“ и „Киноверзум“, како и Кинотеката на Македонија.

Најавите за повторно отворање на „Милениум“ доаѓаат во период кога Скопје се подготвува за титулата Европска престолнина на културата во 2028 година. Во таа насока, градот веќе реализира активности за размена на искуства со европски градови, при што денеска домаќин беше на градоначалници од Кемниц, Горица и Нова Горица.

„Скопје ќе биде ставено на картата на европските градови на културата и ќе ужива во оваа улога“, порача Ѓоргиевски.