Skip to main content
Македонија

Матичните изводи и здравствените потврди ќе се вадат онлајн

22/01/2026  17:18

Граѓаните од денес ќе можат изводите од матични книги и потврдата за слободна брачна состојба да ги вадат онлајн.

Управата за водење матични книги целосно ги префрли своите услуги на националниот портал uslugi.gov.mk, со што изводите од матичната книга на родени, венчани и умрени, како и потврдата за слободна брачна состојба, стануваат целосно дигитални.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, порача дека ова е уште еден чекор кон побрза, поефикасна и потранспарентна администрација.

Новите дигитални решенија беа промовирани денес заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, при што беа претставени уште четири електронски услуги што се однесуваат на здравственото осигурување.

Правните лица добиваат можност целосно електронски да поднесат барање и да добијат потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, услуга која е достапна во секое време, без административни бариери.

Физичките лица преку порталот можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжителното здравствено осигурување, потврда за статус на осигурено или неосигурено лице и платен придонес, како и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.