Skip to main content
Хроника

Масакрот на кучиња во Кичево не бил пријавен во МВР, полицијата постапува по допрен глас

25/10/2025  15:16

Министерството за внатрешни работи постапува по допрен глас, по извештаите за убиства на повеќе од 40 кучиња во Кичево пред два дена, и информациите на здруженијата за заштита на животните „Анима Мунди“ и кичевското „Грифон“. До овој момент, во ОВР Кичево не е добиена пријава за случајот, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

„По допрен глас, полициски службеници преземаат мерки за утврдување на фактичка состојба, извршени се обиколки и преглед на посочените места при што, не се забележани траги или предмети кои упатуваат на таков настан“, велат од полицијата за „Макфакс“.

ОВР Кичево дополително ќе преземе и други оперативни мерки и ќе изврши дополнителни разговори со ветеринарни служби и со други лица со цел, добивање на информации. Доколку се добијат потврдни информации, по консултација со јавен обвинител, ќе се преземаат натамошни мерки.

„Анима мунди“ побара одговори од градоначалникот Фатмир Дехари

Активистите од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ претходно повикаа на истрага и одговори. Оттука велат дека телата биле пронајдени на различни локации низ градот, меѓу кои и во близина на основното училиште „Санде Штерјоски“.

Од здруженијата нагласуваат дека животните биле убиени со супстанции што можат да усмртат и човек и дека дел од нив имале траги од огнено оружје.

„Фатмир Дехари, прашуваме јавно: дали е нормално во вашиот град да се убиваат животни со екстремно разорни отрови што за помалку од пет минути можат да усмртат дете? Дали е нормално некој вооружен да шета низ градот и да стрела по животни додека граѓаните спијат? Пријавивте ли во полиција? Како за половина час беа собрани и фрлени 40 трупа од страна на „Кичевски Комуналец“ – без полиција, без увид, без истрага, иако на дел од телата има траги од огнено оружје? И каде се, зошто ги нема на депонија?“, прашуваат.

„Анима мунди“ повика на јавна одговорност од градоначалникот и раководството на општината, како и инспекциските служби на терен. Дехари досега не се произнесе во однос на овие прашања.

„Невиден хорор, кој помина плачеше“

Порталот „Сакам да кажам“ претходно објави сведоштво на граѓани кои им рекле дека вработени во Комуналното претпријатие биле повикани од дома за да ги отстранат пцовисаните кучиња откако на социјалните мрежи излегле снимки, бидејќи беше неработен ден и претпријатието не работеше.

„Невиден хорор, умрени кучиња насекаде и на патот и во школскиот двор. Кој помина плачеше“, изјавил сведок.

Кичево со години има проблем со прекубројност на бездомни животни. Општината за третман на уличните кучиња од буџетот годишно издвојува околу 20.000 евра.