
Европската комесарка за проширување Марта Кос објави дека земјите членки на Европската Унија донеле одлука да започне изготвувањето на Договорот за пристапување на Црна Гора во ЕУ, оценувајќи го чекорот како значаен напредок на Подгорица кон полноправно членство.
Според Кос, ова претставува јасно признание за реформскиот напредок што го постигнала Црна Гора, но и дополнителен поттик земјата да го забрза спроведувањето на неопходните промени на патот кон Унијата.
„Местото на Црна Гора во Европската Унија сега почнува јасно да се обликува“, напиша Кос во објава на социјалните мрежи.
Таа посочи и дека процесот ќе биде можност ЕУ да извлече поуки од претходните проширувања и во идните пристапни договори да вгради посилни механизми за заштита од назадување во владеењето на правото и основните европски вредности.
Црна Гора важи за најнапреден кандидат од регионот на Западен Балкан во евроинтегративниот процес, а најновата одлука се оценува како дополнителен сигнал за засилен ангажман на Брисел кон проширувањето.


