
Граѓанската платформа „Независни заедно“ денеска на промотивен настан официјално ја објави кандидатурата на професор д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори.
Настанот го отвори Јана Белчева Андреевска, кандидатка за советничка во Советот на Град Скопје, која нагласи дека по години на пропаѓање на јавните простори и институции, конечно постои шанса за промена.
„Скопје е во агонија. Му е потребна визија ослободена од корупција, култура наместо популизам, стандарди наместо импровизации. Оваа моја кандидатура е повик за заедничка борба за град кој ќе им служи на граѓаните, а не на тесни интереси,“ изјави Марковски.
Тој додаде дека Скопје денес се соочува со сериозни предизвици – загаденост, урбан хаос и изгубен идентитет – и посочи дека е потребна нова стратегија која ќе донесе надеж, особено за младите генерации. „Го започнувам овој пат од Камениот мост – симболот на поврзување и заедништво. Убеден сум дека со широка граѓанска поддршка можеме да изградиме град кој ќе биде вистински европски дом, место на кое ќе се гордеат сите скопјани,“ нагласи тој.
Од „Независни заедно“ порачаа дека професорот Марковски е личност со докажан професионален интегритет, долгогодишно искуство и реализирани проекти зад себе, како и генерации воспитани инженери. „Време е Скопје да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот,“ истакнаа од платформата.
„Независни заедно“ ја претставуваат независни советници и локални иницијативи од повеќе скопски општини, меѓу кои „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Платформата веќе најави дека во општина Центар ќе ја поддржи кандидатурата на поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
Од движењето појаснуваат дека нивната цел е враќање на локалната власт во рацете на граѓаните преку чесно, стручно и транспарентно управување. „Само заедно можеме да му дадеме шанса на Скопје да стане град по мерка на човекот,“ порачуваат од „Независни заедно“.