
Дивеењето во градежништвото веќе директно ги загрозува основните човекови права за безбеден и здрав живот, а граѓаните кои живеат во близина на градилиштата се оставени сами да се справуваат со последиците од неодговорното градење. На ова предупреди професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, коментирајќи ја состојбата со едно од најкритичните градилишта во Скопје.
И покрај најавите дека опасната темелна јама ќе биде обезбедена и покриена со земја, снимките од терен покажуваат дека просторот и понатаму претставува сериозна опасност за пешаците, жителите и работниците.
„За жал, ова веќе стана редовна појава во нашето градежништво. Пред само еден месец сведочевме на сличен случај во Кисела Вода кога човек пропадна во необезбедено градилиште. Пред три години, во истата населба и во соседна улица, се случи речиси идентичен инцидент. Ако не преземеме сериозни мерки, состојбата ќе стане уште полоша“, предупреди Марковски.
Според него, во последните години сè почесто се игнорираат основните правила на струката, а профитот станува единствена цел на дел од инвеститорите и изведувачите.
„Совеста, свеста и одговорноста сè помалку се присутни во градежниот сектор. Трката по профит ги потиснува правилата, стандардите и безбедносните мерки. Ова веќе не е само проблем на една локација, туку системски проблем кој ја загрозува безбедноста на граѓаните и иднината на градовите“, рече професорот.
Тој оцени дека ваквите појави претставуваат сериозно деградирање на инженерската професија и предупреди дека последиците нема да се чувствуваат само денес, туку и во наредните години.
Последиците од свлекувањето на земјиштето во конкретниот случај веќе се видливи. Во текот на вчерашниот ден целата улица останала без електрична енергија поради оштетување на кабелска инфраструктура, додека денеска жителите се соочуваат и со прекин на интернет-мрежата.
Марковски нагласува дека штетите кои ги предизвикуваат ваквите одрони не се само површински и видливи со голо око. Според него, нарушената стабилност на теренот може да предизвика долгорочни проблеми за околните објекти, инфраструктурата и безбедноста на населението.
Тој повика на воведување на построги контроли, јасна одговорност и задолжителни финансиски гаранции за инвеститорите и изведувачите, со цел штетите и ризиците да не паѓаат врз граѓаните.
„Не може да се започне со градење на необезбедена темелна јама и на незаграден објект. Со тоа директно се доведуваат во опасност животите на луѓето кои живеат или се движат во близина, а најголем ризик трпат токму градежните работници. Градењето е премногу сериозна работа за да се третира како обична бизнис-авантура водена само од желбата за брза заработка“, порача Марковски.

