
„Новите лица“ во тимот на Венко Филипче се всушност старите и компромитирани кадри на Зоран Заев, обвини денеска Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференција, партијата посочи дека именувањето на луѓе како Александар Наумоски и Драган Крајовски во новото раководство е доказ дека СДСМ не нуди никаква промена, туку само рециклирање на неквалитетни и некомпетентни функционери по диктат на поранешниот лидер Заев. Според ВМРО-ДПМНЕ, со ваков кадровски потенцијал, опозициската партија на следните избори ќе освои помалку од 100.000 гласови.
Манасиевски потсети на владеењето на Александар Наумоски како градоначалник на Ѓорче Петров, истакнувајќи дека тој е запаметен по зголемувањето на сопствената плата и купувањето на луксузно БМВ Х5 со познатата изјава „нема со магариња да патуваме“, додека граѓаните се соочувале со проблеми со водоснабдување и недостиг на градинки. За Наумоски беше посочено дека реализирал само 6,6 отсто од ветените проекти и дека за време на ковид-кризата потрошил 180.000 евра за партиски вработувања наместо за здравјето на граѓаните.
Вториот посочен кадар, Драган Крајовски, поранешен директор на затворот „Црн мост“ во Битола, според ВМРО-ДПМНЕ е „неуспешен адвокат“ поставен од Заев, кој се поврзува со лошо менаџирање на европски фондови и прикривање на инциденти во затворот. Манасиевски истакна дека Крајовски важи за близок човек на поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, и е под истрага за злоупотреба на службени возила за приватни патувања во странство. Заклучокот на ВМРО-ДПМНЕ е дека Филипче само ги собира „остатоците од Заев“ бидејќи така му наложил неговиот ментор.

