
Родители на ученик во трето одделение реагираат на содржината на лектирата „Орхан“ од Неџати Зекирија, откако нивното дете, како што сведочат, се шокира додека читало делови од книгата.
Според родителите, особено проблематични биле сцените во кои предметите во собата му се закануваат на главниот лик со задушување, кршење и бесење.
„Орхан влезе во постела. Се покри со јорган. Беше мрак. Пред неговите очи масата почна да чекори и да зборува: ‘Ќе те задавам, зашто со ножето по мене го пишуваш своето име’“, се наведува во еден од деловите од книгата.

Во продолжение, столот му се заканува дека ќе го скрши, додека панталоните велат дека ќе го обесат затоа што ги полнел џебовите со различни предмети.
Родителите реагираат и на друг дел во кој се опишува маса исполнета со „најразлични шари, грди зборови и фотографии на разголени жени“. Тие сметаат дека ваквата содржина не е соодветна за возраста на децата и дека може да предизвика страв и збунетост кај учениците.
„Нашето дете беше шокирано. Не очекувавме во лектира наменета за трето одделение да прочитаме закани со давење, кршење и бесење, како и споменување фотографии од разголени жени“, велат родителите.
Тие бараат надлежните образовни институции и стручните служби да ја преиспитаат соодветноста на книгата за учениците од оваа возраст, како и начинот на кој ваквите содржини се обработуваат на часовите.
Родителите нагласуваат дека не се против читањето и литературата, но сметаат дека задолжителните дела треба да бидат внимателно приспособени на возраста и емоционалната зрелост на децата.



