
По серијата несреќи каде настрадаа возачи на торинети, особено малолетни лица, државата ќе преземем мерки за нивна посилна регулација.
Согласно измените на Законот за безбедност во сообраќајот, се предлага минималната старосна граница за управување електричен тротинет да биде 18 години, а максималната дозволена брзина да се ограничи на 20 километри на час.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека мерката е строга, но дека нејзината цел е да ги заштити младите учесници во сообраќајот.
Според анализите на МВР што ги презентираше Мицевски, во повеќе од половина од сообраќајните незгоди со електрични тротинети управувале лица на возраст од 16 и 17 години.
Во периодот од почетокот на 2024 до мај 2026 година, во пријавени сообраќајни незгоди учествувале 2.352 возачи на мопеди, електрични тротинети и моторцикли. Од нив, 46 загинале, 585 биле тешко повредени, а 1.347 се здобиле со полесни повреди.
Овие податоци се однесуваат на сите три категории возила заедно и не покажуваат колку од загинатите и повредените управувале конкретно електричен тротинет.
Со законските измени се предлага и построга казнена политика. Покрај глобата, во одредени случаи возилото би се одземало на 30 дена.
Привремено одземање е предвидено при управување од малолетно лице, пречекорување на дозволената брзина, превезување друго лице или возење под дејство на алкохол.
Предлог-измените се ставени на дневен ред во Собранието и треба да бидат разгледани по скратена постапка.
