Skip to main content
Македонија

Македонското еколошко друштво и ЕВН Македонија го означија официјалниот старт на проектот Безбедни жици за загрозени птици 

17/04/2026  15:05

Претпладнево, во „Јуроп хаус“ – Скопје, со учество на високи претставници на Делегацијата на ЕУ во земјава и на релевантни институции, се одржа конференција за печат во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД) и ЕВН Македонија, со што официјално се одбележа почетокот на меѓународниот проект „Безбедни жици за загрозени птици“ (101216021 – LIFE24-NAT-BG-EP for Birds LIFE).

Кофинансиран во рамките на Програмата LIFE на Европската Унија, преку овој проект во следните пет години ќе се работи на заштита на глобално загрозените видови царскиот орел и египетскиот мршојадец во Северна Македонија, Турција и Бугарија, преку намалување на ризиците од струен удар и судир со постојната енергетска инфраструктура.

„Преку Програмата LIFE, Европската Унија дава поддршка на напорите за заштита на природата, справување со климатските промени и обезбедување подобар квалитет на живот за граѓаните. На овој начин, од 2023 година, институциите, бизнис-секторот и граѓанскиот сектор во Република Северна Македонија имаат нови можности за пристап до финансирање и зајакнување капацитети, со што директно придонесуваат кон европските цели за животната средина. Овој проект е финансиран токму преку програмата LIFE и поврзува партнери од различни сектори, со цел да се создадат безбедни услови за царскиот орел и египетскиот мршојадец. Заштитувајќи ги нив, ги заштитуваме и нашите економии, нашето здравје и нашата иднина“, истакна Мари-Мадлен Канелопулу од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ изрази силна поддршка за оваа регионална соработка меѓу енергетските оператори и научната заедница, истакнувајќи дека енергетската безбедност е неодвоива од еколошката одговорност. „Енергетската транзиција не значи само декарбонизација и модернизација на мрежата, туку и градење одговорна инфраструктура која е во хармонија со природата. Со овој проект Македонија уште еднаш докажува дека е посветен партнер во исполнувањето на строгите еколошки стандарди, обезбедувајќи безбедно опкружување за загрозените видови птици.“

Влатко Трпески, раководител на Секторот за природа во Министерството за животна средина и просторно планирање и Национално лице за контакт за Програмата LIFE, потсети дека нашата земја има обврска да го имплементира Зелениот договор на ЕУ до 2030 година, заедно со Европската стратегија за биолошка разновидност, додавајќи: „Горди сме што први во регионот го потпишавме Договорот за учество во Програмата LIFE на ЕУ, која ни обезбедува нови можности за аплицирање и финансирање на проекти за подобрување на животната средина. Таков пример е токму овој проект кој не е изолиран напор, туку дел од поширока регионална иницијатива која ги обединува земјите од Југоисточна Европа долж миграциските патишта“, додаде тој. 

Проектот поврзува компании за електродистрибуција и компетентни невладини организации од Македонија, Бугарија и Турција. Македонското еколошко друштво и ЕВН Македонија ќе ги спроведуваат планираните активности на македонска територија, во регионите Овче Поле, Градско, Демир Капија и во Тиквешкиот Регион кои се клучни за размножување, миграција и презимување на царскиот орел и египетскиот мршојадец во земјата.

Оттука, пред присутните се обрати и Волфганг Маиер, Претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија. „За ЕВН Македонија, одржливоста не е само концепт, туку долгорочна стратешка цел. Заштитата на биодиверзитетот е составен дел од нашата визија за отпорен и модерен енергетски систем. Управувањето со мрежата носи двојна одговорност: да обезбедиме сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните, а во исто време да ја заштитиме природата што нè опкружува“, изјави тој.

Извршната директорка на Македонското еколошко друштво, м-р Робертина Брајаноска сподели дека МЕД работи на заштитата на природата подолго од 5 децении, што отсекогаш значело и соработка со релевантни чинители. „Соработката со ЕВН Македонија започна уште во 2010 година, кога идентификувавме далекуводи на кои требаше да се постават гнездечки платформи за белиот штрк. По тоа следуваше поставување на десетина куќарки за гнездење на модровраната во Централна и Источна Македонија и на 200 изолатори на опасни далекуводи за птици во Овче Поле. Со овој проект сега, всушност, ја продлабочуваме соработката, за прв пат во улога на полноправни партнери.“

Настанот го заокружија проектните координаторки Хрисанти Ангеловска од ЕВН Македонија и Данка Узунова од Македонското еколошко друштво, кои подетално ги претставија планираните проектни активности и зацртаните цели.

„Проектот предвидува воведување нови технологии за поставување на изолатори долж дистрибутивната мрежа, како и научни пристапи за следење на влијанието на овие мерки за заштита, со што ќе се намалат ризиците од смртност за царскиот орел и египетскиот мршојадец, но и за сите други птици долж миграциските патишта. Како резултат на проектот, ќе биде изолирана и подобрена ¼ од вкупната електродистрибутивна мрежа во четирите клучни региони“, објасни Хрисанти Ангеловска.

Данка Узунова подвлече дека ова е прв ваков LIFE проект во Европа: „Со оглед на тоа што електрокуцијата и колизијата се меѓу главните причини за смртност на избраните целни птици, предвидуваме дека на овој начин ќе го намалиме ризикот за смртност од струен удар за 70-90 %, а оној од судир со инфраструктурата за 50-70 %. Ова, пак, потенцијално ќе доведе до зголемување на гнездечката популација на царскиот орел на долг рок и до подобрување на гнездечкиот успех на националната популација на египетскиот мршојадец.“