
Македонската фудбалска репрезентација вечерва на теренот на арената „Тодор Проески“ ќе истрча со темни дресови во чест на жртвите од пожарот во Кочани. Бојан Миовски ќе излезе со нови копачки во знакот на македонското сонце, во знак на сеќавање на сите што ги загубивме во големата трагедија.
„Секој човек има своја приказна и секој човек има свое животно патување. Навраќајќи се во моето детство додека ги држев моите први копачки, се сетив дека кажав нешто што длабоко посакував: „Еден ден со цело срце ќе играм за мојата земја“ и еве ме, по многу години, играм за Македонија, мојата земја, бисерот на Балканот. Овие специјализирани копачки имаат исклучително значење, со свето нешто – моето национално знаме и иницијалите на моето семејство. На денешниот натпревар за македонската репрезентација, ќе ги носам во чест и сеќавање за сите што ги загубивме на 16.03.2025 година, за сите кои се уште се борат за своите животи и за сите семејства. Нека почиваат во вечен мир упокоените души, сите мои молитви за повредените“, стои во објавата на Миовски.
Македонија во 20:45 часот го игра вториот квалификациски меч за пласман на СП 2026 година. Противник на избраниците на Благоја Милевски е Велс. Натпреварот ќе биде со хуманитарен карактер, сите средства од продажба на билетите ќе бидат наменети за семејствата на настраданите во Кочани.
Македонската фудбалска репрезентација против Велс ќе игра пред полни трибини, како што објави Спорт.мк Арената „Тодор Проески“ е распродадена, апелот на ФФМ и фудбалерите допре до фановите. Уште само малку билети се останати за западната трибина, а веројатно и тие ќе ги снема во следниот час.