
Во албанскиот пристанишен град Драч уапсени се тројца македонски државјани, двајца од нив, со висок ризик, барани од властите на Македонија, за убиство, ранување, нелегално поседување оружје, како и учество во криминална организација, соопшти албанската полиција.
– Во рамките на акцијата, во Драч, се пронајдени, уапсени и лишени од слобода се македонските државјани М. Џ. (26) роден во Скопјe и С. Н.(34) години, роден во Норвешка. За овие државјани, Интерпол има распишано меѓународни потерници за убиство, ранување, нелегално поседување оружје и извршување кривични дела како дел од криминална организација, во Република Македонија, стои во полициското соопштение.
Во моментот на апсењето, кај нив биле пронајдени и лажни документи, со кои основано се сомнева дека ја напуштиле Македонија.
Уапсено е уште едно лице од Македонија, Џ. Р. (26) за сторени кривични дела „поддржување на сторител на кривично дело“ и „фалсификување исправа“, кој им обезбедил на двајцата уапсени фалсификувани лични исправи. При претресите во неговиот стан, полициските служби пронашле и заплениле, како материјален доказ, помала количина марихуана.
– Успешното финализирање на акцијата е резултат на тесна и интензивна соработка меѓу специјализираните структури на државната полиција и меѓународните партнери, преку заеднички истражни тимови и координирани оперативни акции, службите на Дирекцијата за специјални операции на Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со американски партнери за спроведување на законот со присуство во регионот и со колегите во Македонија, се наведува во соопштението.
Процедуралните материјали се доставени до Обвинителството за понатамошни дејствија.


