Skip to main content
Македонија

Македонската амбасада го одби, словенечкиот парламент го прими на пракса Mакедонецот Трајковски

19/11/2025  21:20

Филип Трајковски, млад Македонец кој минатата година заминал на магистерски студии во Словенија, ја сподели својата  приказна која на најдобар начин ја покажува разликата меѓу институционалната култура дома и надвор од државата.

„Во Љубљана затекнав функционален и организиран град со култура и хигиена на завидливо ниво. Ме потсети на тоа што нашите места би можеле да бидат, но не се. Сепак, наместо да барам причини, ќе споделам пример,“ започнува тој во својата објава.

Како дел од условите за магистерските студии, Филип требал да одработи задолжителна пракса. Со искрена желба да стекне искуство во рамки на македонските институции, се упатил до Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана.

„Исполнет со ентузијазам и желба за работа, заѕвонив на вратите на амбасадата и се претставив како студент заинтересиран за пракса – без надомест, без барања, само со желба да научам. Бев информиран дека не знаат дали воопшто е можно такво нешто, а дури и да може – постапката трае пет до шест месеци,“ пишува Филип.

Сѐ се променило кога посетил саем за практиканти на неговиот факултет, каде што единствено словенечкиот парламент нудел пракса соодветна на неговите студии. „Со својот несовршен словенечки се пријавив и разговарав со генералниот секретар Уршула Зоре Тавчар, која го препозна мојот труд и ме покани на прием.“

По неколку средби, Филип добил едномесечна пракса во словенечкиот парламент. „Без разлика што сум странски студент, добивам еднаков третман и големо трпение од сите. Никој не ме гледа како помал од себе,“ додава тој.

„Сѐ што беше потребно беа валидни документи, неколку средби и желба за соработка. Објавата ја споделувам за да направам споредба – не како критика, туку како потсетник дека можеби не бараме многу, туку премалку очекуваме. Македонија вечна,“ завршува Филип Трајковски.