
Македонија влегува во период на засилено социјално, работничко и граѓанско незадоволство, во кој паралелно се одвиваат штрајкови, протести и најави за блокади во повеќе клучни сектори. Од јавните претпријатија, преку транспортот и синдикалните барања, па се до екологијата, земјоделството и малите бизниси притисокот врз институциите расте, а решенијата се уште се неизвесни.
Вработените во АД „Македонски пошти“ во петокот стапија во штрајк, односно протест, поради неисплатена декемвриска плата и истиот ден беше исплатена. Иако рокот за исплата истече на 15 јануари, што доведе до целосен прекин на услугите не се работеше со странки, не се разнесува пошта, не функционираат шалтерите за прием на пратки и за уплата на пари. Овој штрајк уште еднаш го отвори прашањето за хроничните финансиски и управувачки проблеми во јавните претпријатија и нивното директно влијание врз граѓаните и стопанството.
Истовремено, денеска е најавен и прекин на товарниот сообраќај на граничните премини, како резултат на штрајк или протест на превозниците. Акцијата е планирана да се реализира на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато. Штрајкот ќе се манифестира преку ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено. Според најавите, протестот може да трае до седум дена, со можност за негов прекин доколку се надминат причините поради кои е организиран. Оваа состојба носи сериозен ризик за економијата, особено за извозот и синџирите на снабдување.
Дополнително, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави голем протест што започнува на 28 јануари 2026 година во 17:00 часот пред Работничкиот дом во Скопје, по што ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата. ССМ бара зголемување на платите за најмалку 6.000 денари и минимална плата од 600 евра, оценувајќи дека сегашните примања не ги следат трошоците за живот и инфлацијата. Овие барања ја рефлектираат пошироката социјална фрустрација кај работниците во приватниот и јавниот сектор.
Граѓанските протести, пак, добиваат силна еколошка димензија. Во Скопје, на 21 јануари се одржа протест против загадувањето на воздухот, кога стотици граѓани, предводени од иницијативата „Стоп за Усје“, повторно ја блокираа крстосницата пред фабриката „ТИТАН Усје“, обвинувајќи ја за сериозно загадување. Слична слика се случи и во Струмица, каде што протестот се одржа во центарот на градот, пред крстосницата кај ТЦ „Глобал“. Активистите од „Здрава котлина“ побараа итни законски измени, вклучително и укинување на деловната тајна за индустриските емисии, забрана за загадување над дозволеното и воведување автоматски, континуиран мониторинг со јавно достапни податоци.
– Ако не се исполнат овие наши барања во најкраток можен рок, ќе продолжиме со протестите и блокадите. Струмица има право да дише. Сакаме чист воздух! порача Оливера Аризанова-Мансбарт од „Здрава котлина“.
Граѓаните предупредуваат дека Струмица е меѓу најзагадените градови во земјата и често се наоѓа високо на европските листи за загаденост. Протестите се одржаа под мотото „Излези. Застани. Зборувај за себе. За своите деца. За здравјето. За иднината“.
Во меѓувреме, и земјоделците го креваат гласот. Оризопроизводителите од кочанскиот регион најавуваат можни штрајкови и радикални протести поради недостиг од организиран откуп, ниски производни и откупни цени и неконтролиран увоз на ориз од земјите од Блискиот Исток. Иако минатата година беше една од најтешките за оваа гранка, земјоделците во 2026 година влегоа со истите, нерешени проблеми, предупредувајќи дека „белото злато“ е сериозно загрозено.
Незадоволство има и кај сопствениците на мали трговски објекти – киосци, тобако-продавници, мини-маркети и семејни бизниси кои остро реагираат на Нацрт-законот за заштита од пушење. Тие предупредуваат дека новите одредби за продажба, изложување и промоција на тутунските и никотинските производи можат да доведат до масовно затворање на продавници и отпуштање вработени. Според податоците на Стопанската комора на Северна Македонија, станува збор за над 4.000 мали и средни бизниси, чиј значителен дел од приходите произлегува од долгорочни договори со тутунската индустрија.
Сите овие настани заедно ја отсликуваат сликата на длабока системска напнатост економска, социјална и еколошка која бара брзи, сериозни и одржливи решенија. Во спротивно, предупредуваат организаторите и аналитичарите, штрајковите и протестите би можеле да станат секојдневие, со сериозни последици за функционирањето на државата.
