Skip to main content
Македонија

Македонија назадува: Пад за шест места на Индексот за слобода на медиумите

02/05/2025  09:40

Македонија годинава забележа значителен пад на ранг-листата за слобода на медиумите што ја објавува организацијата „Репортери без граници“ (RSF). Според најновите податоци, земјата е рангирана на 42. место од вкупно 180 држави, што претставува пад од шест позиции во однос на минатата година, кога беше на 36. место.

MK Summit

Со ова, Македонија се наоѓа на самото дно во групата земји со „задоволителна“ медиумска слобода. Покрај неа, во истата група се и две држави од регионот – Словенија, која напредуваше за дури девет позиции и сега е 33-та, и Црна Гора, која е рангирана на 37. место, три позиции повисоко од лани. Сите останати земји од Балканот се класифицирани во групите со „проблематична“ или дури „тешка“ состојба на медиумската слобода.

Од друга страна, Норвешка деветта година по ред ја задржува првата позиција на индексот, благодарение на стабилните и високи резултати во сите пет клучни индикатори. Естонија бележи сериозен напредок и се искачува на второто место, додека Холандија го зазема третото, престигнувајќи ја Шведска.

И покрај индивидуалните успеси на одделни држави, годинешниот извештај открива општ глобален пад на слободата на медиумите. Како главна причина за ова, „Репортери без граници“ го посочуваат економскиот притисок врз медиумите, кој достигнал рекордно ниско ниво и значително ја влошува способноста на новинарите да работат слободно и независно.

Во случајот на Македонија, индексот покажува влошување кај три од петте следени индикатори. Најголем пад е забележан кај политичкиот индикатор, што укажува на засилено политичко влијание и притисок врз медиумскиот сектор. Сепак, мала надеж даваат подобрувањата кај правната рамка и безбедноста на новинарите.

Меѓу причините за падот на довербата во медиумите, RSF ги наведува дезинформациите, недостатокот на професионализам, но и економската нестабилност на медиумските куќи, кои сè потешко го одржуваат својот интегритет и независност.

„Финансиската независност на медиумите е неопходен услов за обезбедување бесплатни, веродостојни информации кои му служат на јавниот интерес“, предупредуваат од „Репортери без граници“.