Skip to main content
Хроника

Македонец загина во тешка сообраќајна несреќа во Италија

15/11/2025  20:58

Тешка сообраќајна несреќа се случила на периферијата на Равена, во близина на каменолом, каде при судир на два камиона загина 60-годишен маж, а едно лице е повредено. Загинатиот е државјанин на Македонија кој живеел во Луго повеќе од две децении.

Според првичните информации, несреќата се случила кога два камиона кои се движеле во спротивни насоки — едниот влегувал, а другиот излегувал од каменоломот — се судриле со силен удар. Италијанските медиуми објавија дека жртвата е Ислами Месут, во заедницата познат како Макс.

Администрацијата на општина Луго изрази длабоко сочувство до неговото семејство – сопругата, двете деца и внуците.

„Добро познат во нашата заедница. Го викавме Макс. Дошол во Италија пред 20 години да работи и секогаш го правеше тоа чесно и посветено“, напиша градоначалничката Елена Занони на социјалните мрежи.

Од Советот на Волтана додаваат дека семејството на Месут е пример за успешна интеграција и трудољубивост.

„Макс и неговата сопруга се почитувани низ цела Волтана. Нивната работа овозможи нивните деца да дипломираат и да купат куќа. Среќни сме што ги имавме за соседи и пријатели“, изјави претседателката Валерија Монти.

Заедницата во Волтана е потресена од ненадејната загуба на човек кој, како што велат, зад себе оставил чесност, пријателство и пример за достоинствен живот во туѓа земја.