Skip to main content
Македонија

Македонците плаќаат најскапи патарини за најлоши патишта – власта да го прифати предлогот на Левица 

27/02/2025  09:41

Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица: 

Додека животниот стандард на граѓаните е на дното во Европа и регионот, висината на патарините се уште еден грабеж врз грбот на граѓаните. 

Компаративните анализи покажуваат дека во  Бугарија се вози цел месец за 16,55 евра на автопат; во Словенија една недела чини 16 евра; во Унгарија околу 17 евра за десет дена. Во Македонија, на делницата Скопје-Демир Капија-Скопје со 12 евра (колку што е неделна вињета во Австрија) може да се вози само два дена по лош асфалтен пат.

Дополнително, поради лошите законски решенија, граѓаните во Македонија плаќаат два пати за да возат по патишта во лоша состојба: еднаш на наплатна станица и еднаш при регистрација на возилото преку надоместокот  за јавни патишта за моторни возила.

Пратеничката група на Левица до Собранието поднесе измени и дополнувања на Законот за јавните патишта, со кои ќе се овозможи намалување на цените на патарините за 50 отсто и законска регулација на висината на патарината и нивната наплата. Со предложените измени, висината на патарината и нивната наплата за прв пат ќе бидат регулирани со закон, наместо со Правилник на Влада, како што е актуелното решение.

Го повикуваме владејачкото мнозинство составено од ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ да ја надмине политичката ароганција и да го прифати законското решение на Левица, со што конечно ќе престане грабежот на граѓаните.