
„Мајкрософт“ утрово објави дека услугите се целосно обновени во „Тимс“, „Оулоу“, „Копилот“ и други апликации, со што се стави крај на глобалниот прекин што ја наруши онлајн комуникацијата за бизнисите и владите повеќе од 24 часа.
„Ги завршивме активностите за решавање на основната причина за инцидентот и ја вративме услугата за преостанатите засегнати корисници и региони“, објави компанијата.
Што престана да работи?
Проблемите влијаеја на Outlook, Microsoft Exchange Online и други услуги поврзани со е-пошта. Корисниците не можеа да испраќаат или примаат пораки, да пристапуваат до алатката за вештачка интелигенција Copilot на Microsoft или да се приклучуваат на однапред закажани состаноци преку Teams.
Тешкотии се појавија и со услугите за споделување документи, управување со деловни податоци и заштита на е-пошта.
Последиците се почувствуваа низ целиот свет. Во Соединетите Американски Држави, некои градски власти ги повикаа граѓаните да ги контактираат по телефон бидејќи нивните интернет услуги беа прекинати.
Проблеми од болниците до судовите и полицијата
Во Велика Британија, некои граѓани имале проблеми со добивање рецепти, а неколку полициски одделенија ги повикале граѓаните да пријавуваат кривични дела и други инциденти по телефон, наместо преку веб-страници.
Во Хонг Конг, прекинот им ја отежна работата на банкарските службеници, додека вработените во јапонската влада мораа да прават хартиени копии од документите. Засегнати беа и судовите на Филипините, некои железнички системи и училиштата, судовите и владините канцеларии во Австралија.
Според проценката на американскиот институт „Андерсон Економик Груп“, нарушувањето би можело да предизвика речиси седум милијарди долари економски загуби поради намалена продуктивност.
Штетата може да надмине 7 милијарди долари
Претседателот на институтот, Патрик Андерсон, проценува дека до 26 милиони корисници претрпеле сериозни прекини во работењето во четврток, а 51 милион во петок. Тој предупреди дека ова е првична проценка и дека вкупната штета може дополнително да се зголеми.
„Мајкрософт“ потврди дека прекинот не е резултат на сајбер напад, туку технички проблем поврзан со промените во нивната мрежна инфраструктура. „Инцидентот е предизвикан од проблем за време на претходното надградување на капацитетот на мрежата што стана очигледен по неодамнешната промена на мрежата“, соопшти компанијата.


