Skip to main content
Македонија

Мајка од Кочани: 63 млади животи згаснаа – 20 години затвор не е правда

19/11/2025  12:02

Марија, мајка на една од жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, со скршен глас и длабока болка во очите вели дека ништо, па ниту пресудата од 20 години затвор, не може да ја исправи неправдата и да ги врати загубените животи.

„Со 20 години затворска казна не сметаме дека правдата ќе биде задоволена. 63 млади животи се уништени“, вели Марија, која со месеци низ солзи бара вистинска одговорност за трагедијата што го промени животот на десетици семејства.

Таа потсетува дека борбата сè уште не е завршена, бидејќи голем дел од повредените продолжуваат да се опоравуваат и носат трајни последици.

„Има уште повредени кои се опоравуваат. Министерството за здравство да преземе мерки“, апелира Марија, мајка од Кочани, барајќи поголема институционална грижа и поддршка за преживеаните.

„Ние изгубивме деца, изгубивме иднини. Не можеме да прифатиме дека ова е доволно. Сакаме правда, сакаме да знаеме дека никогаш повеќе нема да се повтори ваква трагедија“, додава таа.

Семејствата на жртвите остануваат решителни да продолжат со барањето за целосна одговорност и посилни казни, уверени дека само така може да се спречи нова трагедија и да се врати барем дел од чувството за правда.