Skip to main content
Свет

Маѓар ќе ја проверува финансиската поддршка што Орбан ја давал за Унгарците во Србија

25/04/2026  21:21

Победникот на парламентарните избори во Унгарија, Петер Маѓар, најави дека неговата влада ќе ја провери финансиската поддршка што во изминатите десет години била исплаќана од Будимпешта за Унгарците во Војводина.

Маѓар, лидер на партијата Тиса, ова го соопшти по средбата со претседателот на Сојузот на војводинските Унгарци, Балинт Пастор, коалициски партнер на српскиот претседател Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна странка.

Петер Маѓар и неговата партија Тиса убедливо победија на парламентарните избори на 12 април, со што беше ставен крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан и неговата партија Фидес.

Средбата меѓу Маѓар и Пастор е прва по изборната победа на Тиса. Двајцата на социјалните мрежи оценија дека разговорот бил искрен.

Маѓар порача дека во зајакнувањето на унгарско-српските односи, клучно прашање ќе биде положбата на Унгарците што живеат во Србија.

„Под владата на Тиса, стекнатите права ќе бидат зачувани, а во натамошното јакнење на унгарско-српските односи, главна грижа секогаш ќе биде олеснувањето на положбата на Унгарците што живеат во Србија и подобрувањето на нивната благосостојба во татковината“, напиша Маѓар на Икс.

Но идниот унгарски премиер најави и дека Тиса ќе го провери користењето на средствата што од Унгарија биле исплаќани во претходните десет години. Тој најави и испитување на можни злоупотреби поврзани со гласањето по пошта.

Маѓар истакна дека очекува поголема транспарентност и ефикасност во трошењето на средствата што војводинските Унгарци ги добиваат од Унгарија.

Тој порача и дека нема да прифати медиумите на унгарски јазик во Војводина, финансирани од Унгарија, да пренесуваат пропаганда на Орбановата партија Фидес.

Маѓар додаде дека не добил задоволителен одговор на прашањето како е можно неговата партија Тиса во изминатите две години само двапати да била спомената на војводинската телевизија Панон.

Лидерот на Тиса најави дека во текот на летото ќе ги посети војводинските Унгарци.

Пастор, пак, изјави дека Сојузот на војводинските Унгарци се залага за правична и партнерска соработка со владата во Будимпешта, во интерес на унгарската заедница во Војводина. Тој додаде дека партијата ќе продолжи да ја претставува заедницата како независна политичка сила и да работи на зачувување на историското помирување меѓу Србија и Унгарија.