Skip to main content
Култура

Љутков: Театарот постојано се движи напред низ годините и е предводен од нови генерации уметници

07/06/2025  11:48

Со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов, на Македонскиот народен театар, синоќа во големата сала на Центарот за културата „Марко Цепенков“ започна 59-тото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

На изведбата на актерите од МНТ, претходеше доделување на наградите за животно дело на Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски. Фестивалот свечено го отворивме со Ана Стојаноска, уметнички директор и селектор на програмата и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, сподели преку социјалните мрежи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

„Низ овие 59 години, театарот постојано се движи напред предводен од нови генерации уметници кои носат нова естетика, нови форми и одговараат на нови прашања. И тоа не треба да нѐ плаши. Напротив, тоа е потврда дека театарот е жив. И како институција, ние сме тука не само да ги следиме тие процеси, туку и да ги поддржиме –суштински, доследно, со јасна визија, порача Љутков во својата објава.

Под слоганот „Смеј се и осмели се!“, театарот во Прилеп во следните седум дена ќе продолжи да предизвикува промени.

„Никогаш не престанувајте да верувате во моќта на уметноста!“ истакна министерот.