Skip to main content
Култура

Љутков од Виница: По седум години започнуваме со нови културни инвестиции за заштита и промоција на културното наследство

24/10/2025  16:30

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска е во посета на Општина  Виница во која по цели седум години институционално запоставување, ќе  се започне со конкретни инвестиции и проекти од областа на културата.  Со тоа како што рече Љутков покажуваме дека и помалите општини  заслужуваат системска поддршка и внимание, особено кога станува збор за заштита и промоција на културното и историското наследство.

На археолошкиот локалитет Виничко Кале, каде е откриено едно од најзначајните богатства на македонската археологија со ретка уметничка и духовна вредност, познатите теракотните икони,  министерот најави почеток на голем проект за истражување, конзервација и ревитализација на локалитетот.

„Во 2026 година Министерството за култура и туризам, преку своите институции: Националниот конзерваторски центар и Археолошки музеј од   Скопје заедно со локалниот Музеј „Теракота” од Виница, ќе започне со реализација сеопфатен проект за истражување, заштита, конзервација и ревитализација на локалитетот. Проектот вклучува целосна конзервација на објектите и на бедемите, структурна стабилизација на загрозените делови, како и современи археолошки истражувања, што ќе овозможат долгорочна заштита и достапност на локалитетот за јавноста”, рече Љутков.

Целта е, како што истакна министерот,  Виничко Кале да стане централна точка за културен туризам, научни истражувања и едукативни програми во овој дел на државата. Тоа не значи само зачувување на наследството, туку и нова перспектива за економски и туристички развој на целиот регион. Локалитетот ќе стане жив културен простор, отворен за сите граѓани, посетители и идни генерации.

Во Виница Љутков ќе ги посети и сите локални институции од областа на културата, каде Општина Виница, во изминатиот период, вложи значителни средства и напори во обнова на културната инфраструктура. Завршена е реконструкцијата на киносалата, која доби нов покрив и фасада, а целосно е обновена и Сината сала при Домот на културата „Тошо Арсов” – простор кој денес повторно живее со настани, концерти и театарски претстави.

Министерот Зоран Љутков вечерва во Виница ќе присуствува и ќе се обрати и на творањето на фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница Веритас”