
Со изолирани ресорти, приватни базени, спа-центри од светска класа и извонредна гастрономија, Туркије се издвојува како врвна дестинација за луксузни романтични и свадбени патувања. Благодарение на лесната достапност преку глобални авионски врски и ВИП-услугите со богат избор на ексклузивни доживувања, земјата привлекува многу патници желни за незаборавни романтични искуства.
Со својата медитеранска клима во текот на целата година, златни плажи и гостопримство од светска класа, Анталија е чест избор за луксузен меден месец. Од елегантни хотели и ресорти со пет ѕвезди и ексклузивни бутик-одморалишта, до приватни вили со персонализирани услуги, градот е создаден за парови што бараат приватност, удобност и романтика. Младенците можат да се релаксираат со стил, а за авантуристичките парови, достапни се различни активности со кои можат да ги откриваат природните убавини и културното богатство на Анталија. Вечерите може да се поминат уживајќи во префинета медитеранска кујна и локални вина во елегантни ресторани покрај морето. Од набљудување на ѕвезденото небо до вечерни посети на осветлени археолошки локалитети како Аспендос, Патара и Сиде, Анталија нуди софистициран меден месец исполнет со ексклузивност, романтика и незаборавни доживувања.

Друга дестинација за меден месец во Туркије е регионот Мугла, каде Бодрум се смета за најпрестижно луксузно одморалиште во земјата. Располага со исклучителна колекција на меѓународно реномирани ресорти, бутик-хотели и приватни вили, од кои многу нудат изолирани плажи, инфинити-базени, консиерж-услуги и наградувани спа-центри. Паровите можат дополнително да се нурнат во локалните велнес-традиции преку хамам-ритуали и спа-искуства креирани специјално за двајца. Ексклузивните клубови на плажите нудат префинети искуства покрај морето, додека луксузните чартер-тури со јахти и гулети (традиционални турски дрвени едрилици) им овозможуваат на младенците да ги истражуваат кристално чистите заливи на регионот во целосна приватност.
Динамичната метропола Истанбул нуди спектакуларни пејзажи, историски знаменитости и раскошно сместување. Од реставрирани османлиски палати претворени во луксузни хотели до меѓународно познати хотелски брендови, градот им нуди на младенците импресивен избор на сместувачки капацитети од светска класа. Паровите можат да уживаат во коктели на зајдисонце на панорамски кровни тераси со поглед кон градскиот хоризонт, како и во врвна гастрономија во ресторани со MICHELIN-ѕвезди. Најпознатите знаменитости на градот, како Света Софија, заедно со ексклузивни хеликоптерски летови над Босфор, дополнително го збогатуваат искуството.

Малку дестинации во светот можат да се споредат со романтиката и ексклузивноста на Кападокија, што ја прави едно од најнеобичните места во Туркије за луксузен меден месец. Препознатлив по своите речиси нереални пејзажи, регионот им нуди на паровите навистина уникатно бегство. Дел од искуството се летањето со балон на топол воздух на изгрејсонце, но и јавање коњи низ „самовилските оџаци“ и истражувања на древните подземни градови. Притоа, секој момент во Кападокија е незаборавен, а префинетото гостопримство дополнително го издигнува искуството.
