
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, коментирајќи ги фотографиите на кои поранешниот премиер и претседател, како и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски е во друштво на членови на партиите ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, вели дека секој има право со кого сака да седи во кафеана.

“Со Црвенковски сме добри пријатели. Тој е еден од основоположниците на СДСМ и човек кој го почитувам. Добар дел од луѓето во ЗНАМ се поранешни членови на СДСМ, разочарани од тоа што денес се случува во таа партија. Секој има право со кого сака да седи во кафеана”, изјави Димитриевски за централниот дневник на телевизија „Сител“.
Димитриевски вели дека СДСМ за него е завршена приказна, но дека жали што партијата ја води лажен социјалдемократ кој го следат милион афери.
“Жалам што СДСМ дојде до ова дереџе – човек со милион афери, со златна виза за Дубаи, со луксузирање на јахти, кој се продава за чесна душа, денес ја води таа партија. И уште прави алузии на зборовите на Црвенковски – ‘или си СДСМ или не си’. Можеби тој наскоро ќе си замине, но сите тие што денес ја водат партијата треба час поскоро да си одат. Не може лажен социјалдемократ како Филипче да ја води социјалдемократијата во Македонија”, рече Димитриевски.