Skip to main content
Македонија

Левица со кандидати за градоначалници во Струга, Тетово, Гостивар

13/09/2025  15:54

Сооппштение за јавност на Левица:

Со особена чест и одговорност најавуваме дека во општините Тетово, Гостивар и Струга, Левица е ЕДИНСТВЕНАТА парламентарна партија од македонскиот политички блок која излегува со сопствени кандидати за градоначалници.

Во Општина Струга, кандидат за градоначалник е актуелната пратеничка во Собранието на Република Македонија, Јована МОЈСОСКА – дипломирана на Факултетот за безбедност и генерален секретар на Левица. Нејзиното искуство, политичка активност и лична посветеност се гаранција дека ќе го брани јавниот интерес и ќе понуди вистински решенија за проблемите со кои се соочува Струга.

Во Општина Тетово, кандидат е д-р Катка БОЖИНОВСКА, доктор на правни науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а денес вработена на Државниот Универзитет во Тетово. Со своето академско знаење, долгогодишна професионална кариера и интегритет, таа ќе се залага за враќање на законитоста, правдата и вистинското владеење на правото во Тетово.

Во Општина Гостивар, кандидат за градоначалник е Дарко ГРУЈОСКИ, ИТ-специјалист и информатички оператор со завршени студии по компјутерски науки и технологии. Тој претставува новата генерација професионалци, подготвени со современи пристапи и технолошки решенија да ги подобрат јавните услуги и транспарентноста на локалната самоуправа.

Под силен притисок од коалициските договори со партијата ВЛЕН, ДПМНЕ донесе одлука да нема свои кандидати во овие општини. Ние ова го сметаме за невидено ПОНИЖУВАЊЕ и обезличување на македонскиот народ во западниот дел на државата. Со тоа, уште еднаш станува јасно дека за големите партии, интересот на граѓаните е подреден на партиските пазари и ЕТНИЧКИТЕ ПАЗАРАЊА кои водат кон федерализација!

Левица е таа што се спротивставува на ваквите политики! Нашите кандидати се луѓе со кредибилитет, знаење и професионални компетенции, личности кои ќе управуваат со општините на темел на ИДЕОЛОГИЈА и програма, а не врз основа на етнотрибализам, клиентелизам и корупција.

Затоа, на овие избори повикуваме на мобилизација на сите граѓани кои сакаат промени и кои сакаат во нивните општини да владеат вистински вредности.